Инаку, за време на воениот конфликт во Македонија во 2001 година Талат Џафери бил висок офицер во Армијата на Република Македонија и командувал со единиците во тетовската касарна. На 28 април, на денот кога е извршен масакрот кај Вејце, Талат Џафери бил дежурен командант во касарната во Тетово. Неколку дена потоа дезертирал и преминал во УЧК како командант Форина“.
Весникот „Лајм“ ја цитира изјавата на Артан Груби: „Често велам дека статусот на борците на УЧК е решен преку институциите. Видете каде е Талат Џафери, каде еАли Ахмети, или пратениците како Берат Ајдари и сите други, директори…, Така што интеграцијата на поранешните борци на УЧК е сторена преку институциите. Тука, каде што сум јас во Министерството речиси половина се поранешни борци на УЧК и сите работат во администрацијата. Може да има поединечни случаи на незадоволство, но јас сметам дека веќе се случи нивната иунтеграција во едно кохезивно општество, и секако секогаш постои можност да се направи уште подобро и да се оди напред уште повеќе“.
Меѓутоа, во средината на мај годинава Фазли Велиу, претседател на „Здружението на ветераните на војната“ – припадници на УЧК од 2001 година по еден подолг период се појави повторно во медиумите и 20 години по конфликтот во 2001 година се огласи со тврдење дека „се уште не е решен статусот на УЧК и на неговите борци“.
Тие свои тврдења Велиу ги изнесе во „Лајм“, велејќи: „Главните славомакедонски фактори, како што се СДСМ и ВМРО, не сакаа и не сакаат да го признаат статусот на УЧК. За сето време имавме големо трпение да се реализираат нашите национални права на мирен начин, исто и сега бараме рамноправен статус.“
Фазли Велиу е вујко на лидерот на ДУИ Али Ахмети и поранешен учесник во ОНА и потоа пратеник од ДУИ во Парламентот на Македонија.
Уште во 2009 година ДУИ како коалициски партнер во Владата на Македонија бараше решавање на „статусот на борците на УЧК“ преку донесување специјален закон, со кој државата ќе обезбедува околу 200 пензии за семејствата на загинатите припадници на ОНА, месечни надоместоци за работонеспособните инвалиди, бесплатно образование за деца, како и бесплатна здравствена заштита“.
Таков закон не беше донесен. Во изминатите години повремено се бараше и изедначување на правата на „борците на ОНА“ со правата на припадниците на полицијата и АРМ, кои учествуваа во конфликтот во 2001 година.