Претседателите на Израел, Германија и Полска денеска од Варшава на 80-годишнината од востанието во Варшавското гето порачаа дека им должат на востаниците и жртвите на германските злосторства против човештвото во Втората светска војна, да кажат заедно „никогаш повеќе“, а таа лекција исто така значи дека во Европа нема веќе никогаш место за убиствена војна каква што поведе Русија напаѓајќи ја Украина.
„Кога некој тогаш би им шепнал на востаниците и на Евреите во гетото дека тука ќе стоиме заедно, претседателите на Израел, Германија и Полска да им оддадеме почит говорејќи го истото: никогаш повеќе“, рече претседателот на Израел, Исак Херцог пред Споменикот на хероите од гетото.
Претседателот на Израел апелираше дека и денес светот се бори против сите манифестации на расизам и антисемитизам со сета своја сила и дека е заедничка одговорност и обврска сеќавањето на востанието во Варшавското гето да се пренесува на новите генерации.
„Тешко ми е како Германец да ви се обратам денес од ова место. Страшните злосторства што Германците ги извршија таму ме исполнуваат со длабок срам, а благодарен сум што можам да учествувам во одбележувањето на оваа годишнина како прв претседател на Германија. Овде сум да кажам дека ние Германците сме свесни за одговорноста, свесни за мисијата што ни ја доверија преживеаните. Нашата одговорност за историјата нема крај“, рече германскиот претседател Франк-Валтер Штајнмаер.
Претседателот на Германија потсети дека неговите сонародници во Втората светска војна убивале на толку суров начин, извршиле злосторства против човештвото, холокаустот, убивале толку нечовечки што секој останува без зборови.
„Стојам пред вас и молам за прошка за злосторствата што овде ги направија Германците. Многу луѓе и покрај овие злосторства, ни подарија на нас Германците, помирување, подарок што не можевме да го очекуваме и не смеевме да го очекуваме. Тоа е чудо после злосторство без преседан“, рече германскиот претседател.
Штајнмаер предупреди дека најважната лекција од историјата и востанието во гетото е пораката никогаш повеќе и дека тоа е слоганот на кој се потпира денешна Европа.
„Никогаш повеќе значи дека во Европа нема место за варварска војна каква што води Русија во Украина. Никогаш повеќе значи дека стоиме покрај Украина. Никогаш повеќе значи дека ние, либералните демократии, сме силни кога работиме заедно и во хармонија. Ние Германците ја преземаме оваа одговорност за слободата на одбраната и мирот. Одговорност за злосторствата во минатото и за нашата заедничка иднина“, рече претседателот на Германија.
Претседателот на Полска, Анджеј Дуда, нагласи дека младите Евреи, од кои околу 1.500 кои кренале востание на 19 април 1943 година, но и оние Евреи кои не дозволиле да бидат одвлечени, претпочитајќи живи да горат во запалени згради, се заеднички херои и на Израел и на сите Евреи во светот, но и на Полјаците.
„Тоа не беше борба за живот, тоа беше борба за достоинство, достоинствена смрт под нивни услови, борба за слобода одлучување за себе, но и одмазда за болката и страдањето на најблиските. Нека секој во Полска запомни дека секој кој сее омраза, кој гази друг човек, ги гази гробовите на хероите од гетото, тој ги гази гробовите на сите кои помогнале и гробовите на сите кои им помагаат на прогонетите и затоа ги убиваат“, рече полскиот претседател.
Германските окупатори, под изговор за постоење наводна опасност од зараза, есента 1940 година го создале Варшавското гето, затворајќи таму Евреи од цела Полска. На периоди, во гетото во централното градско подрачје биле затворени до 450.000 луѓе. На 19 април 1943 година еврејските жители на Варшавското гето се дигнале на востание против германските окупатори, кое траело до средината на мај и во кое биле убиени или одведени во концентрациони логори повеќе од 56.000 Евреи.