Тоа се случи благодарение на специјалната организација и систематскиот пристап кон опасноста од поплави. Холандија не помина сосема без поплавување, но немаше ниту една жртва.

Во земјата, која се граничи со поплавените области на Германија и Белгија, сликата е сосема поинаква. Иако ја зафатија огромни дождови, не толку силни како оние во Германија и Белгија, нејзините градови не се целосно под вода.

– Властите беа подобро подготвени и можеа брзо да комуницираат со луѓето. Подобро го забележавме „пристигнувањето на бранот“ и каде тој се движи, изјави професорот Јерун Аертс, раководител на одделот за опасност од вода и клима при Универзитетот Врије во Амстердам, пренесува Си Ен Ен.

Холандија има долга историја на управување со водите и нејзиниот успех во справувањето со оваа катастрофа може да му понуди на светот план за справување со поплави, особено бидејќи се очекува климатските промени да ги зачестат екстремните дождови.

Земјата се бори со морето и надојдени реки речиси еден век. Три големи европски реки – Рајна, Меза и Шелда – имаат свои делти во Холандија, а со голем дел од копното под нивото на морето, владата тврди дека 60 отсто од земјата е во опасност од поплави.