Познатиот македонски пијанист Дино Имери изнесе свој став во врска со сместувањето на Националниот оркестар за џез музика во Македонска филхаронија. Според него, се работи за преседан што не смее да се повтори и одлука што треба да се донесе во согласност со сите професионални мерила.

„Денес сме сведоци на преседан кој не смее да се повтори во иднина, а треба веднаш да биде повлечен. Повредува леснотијата и површноста со која се носат значајни одлуки кои директно влијаат на институциите и на вработените, но и на публиката. Да се донесе и потврди одлука за сместувањето на новооформената национална установа Оркестар за Џез музика во објектот на НУ Филхармонија на РСМ без никаква претходна професионална и темелна анализа на можностите, капацитетите и реалните состојби е во најмала рака несериозно. Да се стори тоа без никаков дијалог и инволвираност од институцијата која е најмногу засегната – НУ Филхармонија, тоа е незамисливо“, вели Имери.

Тој ја поздравува и се радува на одлуката за основање на новата национална установа, но не се согласува со одлуката на Министерството за култура за прескокнување на Филхармонија во момент кога се одлучува за нејзината иднина. „Ги повикувам одговорните лица да станат и тие дел од нешто што е поголемо од нив и веднаш да ја стопираат нивната одлука. Последиците се веќе јасни – нарушените меѓучовечки односи и недоразбирања кои не би се ни појавиле доколку целиот процес бил направен како што треба. Одлуката дали новата институција треба да се смести во Филхармонија не треба да е предмет на дискусија на јавноста, на сите нас да ја поддржуваме или оспоруваме. Таа одлука требало да се донесе во склад со сите професионални мерила. Филхармонија не е зграда. Филхармонија не е сопственост. Филхармонија е идеја, а идеите се отпорни дури и на куршуми“, потенцира Дино Имери.

Поранешната директорка на Македонската Филхармонија, Кармен Костова исто така се осврна на актуелниот спор. „Ништо не се создава и не се руши преку ноќ. Сметам дека проблемот со Националниот оркестар за џез музика е создаден во старт од министерката за култура, која наложува работа на друга новосоздадена институција во веќе постоечката. Зборот на музичарите од филхармонијата треба да биде слушнат, бидејќи тие најдобро знаат низ што поминале во овие осум децении“, посочува Костова.

На прагот на 80 годишнината од постоењето на Филхармонија Костова изразува жалење за сегашните збиднувања и потенцира дека Македонска Филхармонија е бренд за кој треба сите да се грижиме. „Среќна сум што го гледам растот на Филхармонија од почетокот на нејзиното постоење до денеска. Како нејзин поранешен раководител ги знам сите проблеми со кои се среќавале и се среќаваат музичарите. Знам дека секој директор се вложил себеси во создавањето и работењето на Филхармонија, а за тоа говорат досегашните резултати“.

Поранешната директорка на Филхармонија го поставува прашањето зошто не можат да заживеат некои од студијата во МРТВ, кои се специјално направени за Биг Бенд оркестар, што значи дека и акустички одговараат за таква дејност. „Овие студија претставувале расадници на џез музиката и на џез музичарите во државата. Доколку се случи невиден преседан, се плашам дека Филхармонија ќе биде институција во која во иднина привремено ќе се сместуваат уште многу новосоздадени ансамбли, што никако не е добро и продуктивно. Треба да се слушнат и музичарите од Филхармонија кои се докажани професионалци во државата. Со меѓусебно осудување не можеме ништо да добиеме, само полека ќе си ги поткопуваме темелите кои сме ги создале. Се што е ново, треба да има свој простор за раст, но не на штета на веќе создаденото“, нагласува Кармен Костова.

Филхармонија добива поддршка и од странски уметници, а еден од оние кои упати јавна порака за новонастанатата ситуација е и израелскиот диригент, маестро Јерухам Шаровски.

„Имав задоволство 20 години да работам со оркестарот на Македонската филхармонија, од 2003 година. Во тој период, имав многу прилики да диригирам концерти во Македонија, како и на меѓународните турнеи во Кина во 2018 и во Израел во 2019 година. Всушност, оркестарот има и официјална покана за концертни турнеи во Шпанија во ноември 2024, вклучувајќи ги Мадрид, Барселона и Валенсија, како и концерт на фестивалот „Емилија Романа” во Италија. Лично сум бил сведок како македонскиот филхармониски оркестар секогаш бил препознат како меѓународно првокласен оркестар и едно од најзначајните наследства, претставувајќи ги на највисокото ниво македонската музика, култура и образование. Убеден сум дека македонската Влада ќе продолжи да му ги нуди на оркестарот најдобриот простор и услови за работа за да го осигура континуитетот на неговата национална мисија како една од најизвонредните македонски икони во светот“, вели Шаровски, кој во текот на својата кариера диригирал со над 50 оркестри во повеќе од 20 различни земји и соработувал со славните диригенти Зубин Мехта и Лорин Мазел.