Владата соопшти дека првите луѓе на редакцијата на Толковниот речник и на Институтот за македонски јазик самите понудиле привремено да бидат повлечени толкувањата на некои зборови што предизвикаа реакции во јавноста и набргу да ги заменат со толкувања соодветно на современиот лингвистички и општествен контекст.
– За овој чекор согласност за содржината на соопштението даде и раководителката на проектот Толковен речник на македонскиот јазик кое беше доставено до јавноста и до сите медиуми кои побараа дополнителни толкувања. Владата во комуникацијата со Институтот и со раководниот тим на Толковникот, покажа висока почит и разбирање за стручноста и автономијата на научните работници и размената на мислења поврзана за реакциите се водеше во исклучиво контекст на социолингивистичките аспекти согласно современите општествени текови и прифатени вредности, и во таа насока понуденото решение за ново вредносно толкување, со целата почит кон методологијата на тимот научници, дојде токму од нив, соопшти вечерва владината прес-служба во врска со повлекувањето зборови и нивните толкувања откако завчера Речникот беше промовиран во електронска везрија на новата платформа makedonski.gov.mk.
Во соопштението Владата наведува дека заедно со Министерството за образование и наука и Институтот за македонски јазик „Крсте Петков Мисирков“ многу јасно и прецизно ги договориле улогите во подготовката на процесот и во поставувањето на севкупниот зборовен фонд од Толковниот речник на македонскиот јазик.
Нагласува дека Речникот е научен труд и авторско дело на научниците македонисти и лингвисти од Институтот коишто се единствено стручни за оваа област и имаат и надлежност за содржината на речникот, а дека Владата понатаму ќе ја има единствено улогата да го модерира техничкиот дел на процесот и да го одржува системот.
– Владата, согласно својата програма за унапредување на македонскиот јазик, ја реализираше дигитализацијата на вкупниот број лексеми, односно зборови, со единствена цел да им го доближи и да го стави на бесплатно располагање речникот на сите граѓани и на академската јавност во земјата и во светот, за тој редовно да се ажурира, да расте и да се развива, да се дополнува и менува. Тоа значи дека платформата makedonski.gov.mk понатаму ќе се развива заедно со сите научни работници, лектори, македонисти, и други научници кои низ својата интердисциплинарна работа опфаќаат лингвистика, и кои ќе можат редовно да го ажурираат речникот, да го дополнуваат и менуваат, за истиот да расте и да се развива, а Владата и понатаму ќе ја има единствено улогата да го модерира техничкиот дел на процесот и да го одржува системот, соопшти владината прес-служба.