Михаил Рангелов, од невладиниот Форум за балкански транспорт, за Блумберг ТБ Бугарија, искоментира дека пример за тоа е автопатот „Рила“, што е поврзан со крајната јужна обиколница на Софија, минувајќи низ планинските градови Костенец, Дупница, Самоков – стигајќи до Ѓустендил, а предвидена е и врска со Северна Македонија.

Како што јави дописникот на МИА од Софија, повикувајќи се на Рангелов, за да се реализира идниот автопат „Рила“, мора да постои политичка волја. Идејата постоеше во 2008-2009 година, кога познатата бугарска градежна компанија „Главболгарстрој“ создаде проект за нејзина изградба врз основа на зелена концесија. „Главголгарстрој“ тогаш сакаше да го изгради целиот автопат и по неговата изградба да го управува 35 години, по што ќе стане сопственост на Бугарија.

Денеска оваа идеја е повторно на дневен ред бидејќи обиколницата кај Софија почнува да згаснува и истражувањата покажуваат дека за десет години јужниот лак ќе стане сериозен проблем. Овој автопат може да биде дел од два меѓународни коридори. Едниот е коридор број 8, каде има подобри врски на пристаништа и патишта со Северна Македонија, Албанија и Италија, како и оние што доаѓаат од Грција, кои минуваат низ Бугарија, ќе имаат можност да излезат на автопатот „Хемус“ во северозападна Бугарија да продолжи кон Романија.

Во моментов, проектот би чинел околу 500 милиони евра.

Покрај привлекувањето странски инвеститори за изградба на двата автопата во Бугарија, тие можат да се финансираат и со средства од пензиските фондови за инвестирање во инфраструктура, доколку то се дозволи. Овие „заспани“ пари, според Рангелов, што изнесуваат околу осум милијарди лева (четири милијарди евра), ако бидат инвестирани во автопат во зелена концесија и преку патарините што ќе се наплаќаат, повторно ќе бидат вратени кон пензиите на бугарските граѓани.