Субвенционираната струја да се укине за оние компании кои не ги намалиле цените, а не за сите – ова е барањето на дел од фирмите по најавата на министерот Бектеши дека ќе бара ефтината струја за нив повеќе да не важи бидејќи анализата им покажала дека дури 70% од нив не го почитувале договорот. Дали по ова ќе следи нов раст на цените – ССК велат дека за тоа ќе одлучи секоја компанија посебно, бидејќи струјата и не е единствениот фактор за поскапувањето. Тие бараат средба со Бектеши.
„Оние компании кои согласно договор не ги намалија цените на тие фирми да се префрлат на слободен пазар и да се укине за нив, но за оние кои ја почитувале не треба да им се укине. / Секоја компанија ќе си направи внатрешни анализа, не би прејудицирал, но може да се случи зголемување на цените.“ истакна Горан Георгиевски, потпреттседател на ССК.
Дел од економистите сите мерки кои се донесоа досега за сузбивање на инфлацијата ги оценуваат како краткорочни кои не даваат голем ефект. Абил Бауш смета дека потребен е поинаков и посериозен пристап на субвенционирање во сите сегменти од економијата.
„Мене ми е многу нелогично да се субвенционира многу во државата, а да нема некој многу важен економски импакт, за сите субвенции зборувам од земјоделие до овие последните.“ / „Земјоделството ни е веќе примарно, не ни е усовршено, немаме техника ни технологија. Не можеме ни на Албанија да и парираме иако нашата почва е поквалитетна.“ изјави Абил Бауш, економист.
Вкупно 240 фирми од прехранбениот сектор веќе трет месец користат субвенционирана струја по цена од 80 евра за мегават час. Мерката требаше да важи до 1ви април, но по реакциите во јавноста дека цените се намалиле незначително, Бектеши најави дека ќе бара мерката да се укине.