Како известувач за нашата земја во Европскиот парламент, Ќучук, рече дека работи активно, како со владејачките партии, така и со опозицијата, како и дека има чести средби и со претставници од граѓанскиот сектор.

– Претстои извештај, кој ќе ги одрази позитивните тенденции во земјата, но и тоа што треба да биде направено во претстојните месеци, реформите, кои треба да бидат продлабочени. Навистина верувам дека во дипломатијата нема точка, има само запирка. Треба да бидат направени сите дипломатски и политички напори, за да биде постигната целта, која е многу поголема од тоа Бугарија и Северна Македонија да имаат добри односи. Таа е поврзана, со тоа целиот регион да биде придвижен кон ЕУ, рече Ќучук, по посетата на ОУ „Исмаил Ќемали“ заедно со првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби и градоначалникот на Чаир Висар Ганиу.

Гледате, нагласи Ќучук, до каде може да доведе една криза меѓу две земји.

– Имаме криза меѓу Србија и Косово. Имам криза меѓу Република Српска и Босна и Херцеговина, не ни треба тоа. Потребен ни е силен регион, кој ќе биде цивилизациски, економски, образовно и културно поврзан со НАТО и ЕУ, изјави Ќучук.

Прашан за можноста за решение на спорот со Бугарија, Ќучук, рече дека секоја можност треба да биде разгледана и да се работи за неа.

– Јас секогаш работам за тоа да се случи што е можно најбрзо. Двете земји верувам дека ќе имаат добри намери, на масата на преговори има услови кои што треба дополнително да бидат засилени. Тоа што нас ни пречи во меѓусебните односи се недостигот на информации, понекогаш непознавањето на еден или друг случај, кои што водат и до политички потреси. Треба да има стабилна влада во Република Северна Македонија, стабилно мнозинство во Република Бугарија, за да се вратите на масата на преговори. Договорот од 2017 година дава јасна насока за добрососедски односи и евроинтеграција на земјата, изјави Ќучук.

Сепак, тој нагласи, дека Договорот се заснова на взаемна доверба и единствен начин да се поправи довербата е да се врати на масата на преговори и затоа ги повика сите страни кои се загрижени евроатлантското членство на целиот регион да го направат тоа.

– Немаме потреба еден национализам да го подига другиот национализам. Кога има национализам од страната на Скопје, истиот национализам се подига од страната на Софија. Национализамот не е аргумент, тој не може да биде дивижечката сила во 21 век. Единствено заштитата и почитувањето на човековите права, вклучително и правата на малцинствата и учеството на сите во еднаков и рамноправно поставен демократски процес може да гарантира најдобар степен на добрососедски односи, изјави Ќучук.