2021 година ќе биде пресудна за многу законски иницијативи и затоа треба да го зајакнеме нашето членство и да ги зајакнеме нашите капацитети на дејствување. Се надеваме дека 25-те членки на Коалицијата за клима до крајот на годината ќе се удвојат, посочи Ана Чоловиќ-Лешоска, директорка на „Еко-свест“, на работилницата што се одржа денес за граѓански организации од областа на климата и екологијата.
Настанот се одржа на зум-платформата во рамките на Националната конференција за клима.
– Сите се согласија дека заемното врежување и соединување на човечки капацитети ќе помогне за силна граѓанска средина која ќе може да влијае и врз донесувањето одлуки на државата. Мора да се обрне внимание и поголем фокус и врз едукацијата на децата и младите, посочи Маја Марковска од „Милиеуконтакт Македонија“.
Таа посочи дека треба да ги научиме младите дека само со заедничка акција, можеме да направиме нешто повеќе за климатските промени.
Коалиција за клима, Архус-мрежа, Платформа27, ова се дел од граѓанските мрежи отворени за соработка, кои се активни и кои заеднички настапуваат во реализација на повеќе проекти од климатските промени.
Еден од партнерите на „Еко-свест“ во реализацијата на Националната конфренција за клима, е CNVP, чиј фокус на работа се шумите, како еден од најважните екосистеми за зачувување на биодиверзитетот и ублажување на климатските промени, како и локалниот економски развој, CNVP е присутна на Балканот со канцеларии во Македонија, Албанија, Косово, Црна Гора, БиX и во Србија.
– Дел од активностите кои ги работиме се одржливо стопанисување со шумите и недрвните шумски производи, на регионално ниво спроведуваме проект за борба против корупција и илегална сеча во шумарството, како во делот на климатските промени, вели Кристина Бужароска, шумарски инженер и претставник на CNVP.
Својата работа ја претставија и Центарот за климатски промени, кој постои од 2008 година. Нивниот фокус е поддршка на индустријата за подобрување на перформансите и намалување на негативните ефекти врз животната средина.
Вмрежувањето ни е главна можност за подобрување на нашите капацитети, истакна Љиљана Јоноска од Рурална коалиција, во која членуваат 45 здруженија.
– Многу ми е драго што сите го гледаме бенефитот од здружувањето и што се сретнуваме во рамки на повеќе платформи и мрежи. Земјоделстовто и руралниот развој ни е главниот фокус и се насочивме кон развој на свеста за климатските промени. Треба да се вложи многу во земјоделскиот сектор за зголемување на свеста, да се подобри земјодеската пракса. Мораме да ја смениме свеста дека само владата, а не ние како индивидуалци или здруженија треба да се занимаваме со промените. Поразително е што ниту една од општините нема изготвен активен план за климатски промени и на ова мора да се работи, вели Јоноска.
Бојан Трпевски од здружението „Млади правници“ посочи дека во наредниот период ќе се осврнат на организирање повеќе обуки за членови на граѓанските организации за креирање проекти.
– Имаме големо искуство во изготвување закони, а сакаме да помогнеме да имаме еколошки организации кои ќе знаат да се борат, да понудиме правна поддршка на членките на коалицијата за клима. Која било од членките може да се обрати кај нас доколку се соочува со некој правен проблем. Во 2019 година поднесовме тужба за аерозагадувањето во Скопје, лани – во Битола, а годинава во Струга – за непреземање мерки за санирање на дивата депонија, рече Трпевски.