ЕНП, С&Д и Обнова се согласија да ги отстранат термините – Ковачев тврди дека Скопје манипулира за „триумф над источниот сосед“
Трите најголеми политички групации во Европскиот парламент – Европската народна партија (ЕНП), Прогресивниот сојуз на социјалистите и демократите (С&Д) и либералната група Обнова за Европа – постигнале договор за отстранување на термините „македонски јазик“ и „македонски идентитет“ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија, кој треба да биде изгласан на пленарна седница на 8 јули. Информацијата прво ја објави бугарската агенција БГНЕС, а ја потврди и бугарскиот европратеник Андреј Ковачев преку објава на Фејсбук.
„Се отстрануваат сите референци – идентитетот и јазикот не припаѓаат во извештајот“
„На барање на групата на Европската народна партија, трите најголеми партии во Европскиот парламент – ЕНП, С&Д (социјалистите) и Обнова (либералите), синоќа се согласија да ги отстранат сите референци за ‘македонски идентитет’ и ‘македонски јазик’ од нацрт-извештајот за напредокот на Северна Македонија. Очекувам дека овој амандман ќе биде поддржан од мнозинството во ЕП следната недела на пленарна седница“, напиша Ковачев.
Според него, овие прашања не припаѓаат во документ кој се однесува на процесот на проширување на Унијата, бидејќи отвораат историски и идентитетски дебати што, како што вели, треба да се водат на други места.
„Скопје манипулира за внатрешно-политички поени пред избори“
„Ваквите теми водат само кон неединство и ја отвораат Пандорината кутија. Тоа во конкретниов случај се потврдува со постојаните изјави на владините функционери во Скопјe, а особено на премиерот Мицкоски со неговите манипулации за ‘многувековниот идентитет и јазик’. Неприкриената цел на властите во Скопјe беше, во пресрет на локалните избори, да покажат некаков неверојатен триумф над ‘источниот сосед’“, изјави Ковачев.
Тој апелираше дека ваков „преседан“ не треба да биде дел од ниту еден официјален европски документ и повика Северна Македонија да го испочитува Договорот за добрососедство со Бугарија и да ја деблокира работата на мешовитиот историски комитет, каде, според него, треба да се решаваат овие прашања.
Веќе усвоен извештај во АФЕТ, предлогот на Галер не помина
Комитетот за надворешни работи на ЕП (АФЕТ) веќе го усвои Извештајот за Северна Македонија за 2023 и 2024 година, изготвен од австрискиот европратеник Томас Вајц. Во текстот има неколку спомнувања на признавање на македонскиот јазик и идентитет, што сега се доведува во прашање.
Германскиот европратеник Михаил Галер предложи компромисен амандман со терминот „модерен македонски јазик и идентитет“, но истиот не беше ставен на гласање бидејќи шестмина европратеници се изјаснија против. Сепак, според него, истиот предлог ќе се разгледува на пленарната седница во Стразбур, што ќе се одржи од 7 до 10 јули.
Извор: 360 степени