Писмото од американската амбасадорка Анџела Агелер со критики за судството не е на погрешна адреса, туку е испратено секаде каде што е потребно, смета премиерот Димитар Ковачевски. Го добиле министерот за правда и судските органи, а Владата како дел од извршната власт, која е одвоена од судската и законодавната, веќе презела сè што можела за унапредување на судската пракса, односно донела нов Кривичен законик, нов закон за судската академија, нови закони за ренумерација на судии и обвинители, но голем повеќето од нив се блокирани во Собранието за што премиерот вели дека е одговорна опозицијата. Тој нагласи дека инвестирале во судството и за време на голема економска криза, се дигитализираат судниците и не е намален буџетот за судството, но посочи дека треба да се зајакне комуникацијата на судиите со Собранието.
„Она што можеби дополнително треба да се направи е да се вклучи повеќе Собранието, политичките партии во делот на комуникација со судовите бидејќи и според Уставот и според законот членовите на Судскиот совет се избираат во Собранието, а подоцна тие ги избираат судиите и управуваат со нивното работење. Сметам дека треба да се воведат подетаљни мерливи показатели за работата на секој поединец во правосудната фела. Не би генерализирал дали нешто комплетно не функционира или комплетно функционира, бидејќи сепак се работи за систем од поединци во кој дел, веројатно, добро си ја извршуваат работата, некои помалку добро ја извршуваат, други треба да го унапредат своето работење, а трети можеби треба да бидат освежени со нови кадри, но тоа не е во делот на ингеренции на Владата“, рече премиерот.
Како пример за транспарентност во судството премиерот Ковачевски ја наведе Америка.
„Јас сум учел и живеел во Америка. Таму секоја судска одлука се објавува во дневен весник, во тоа време беа весниците од ’92-’93. Се објавува кој судија каква одлука донел во дневен весник. Сега веројатно тоа го прават на електронските портали. Гледам во Србија веќе имаат електронски портал за судството, каде што на многу транспарентен начин може да се види што се случува“, потсети премиерот Ковачевски.
Тој е согласен дека постапките што се предмет на критика во писмото од амбасадорката Агелер навистина се одолжуваат.
„Тоа писмо содржи некои случаи за кои јас, за жал, можам да кажам дека се одолжени. Постапката оди со враќање од повисоки кон пониски инстанции во повеќе наврати и сепак тоа се прашања за судиите што работат и за оние што управуваат со работата на судиите“, рече премиерот Ковачевски.
Во писмото амбасадорката Агелер наведува дека е разочарана од враќањето на предметите напред-назад меѓу Апелација и основните судови, што укажува на очигледна неспособност на судовите бргу да ги процесираат предметите.