Според Тони Вис-Кореј, еден од авторите на студијата објавена оваа недела во Nature и професор по неврологија и невролошки науки на универзитетот Стенфорд, мозоците на пациентите кои починале од тешка форма на ковид-19 покажале јасни маркери на воспаление, иако овие пациенти немале пријавено никакви клинички знаци на некое невролошко нарушување. Неговиот тим го анализирал мозочното ткиво на 8 луѓе кои починале од ковид-19 и 14 луѓе кои починале од други состојби. Вис-Кореј забележува дека околу една третина од хоспитализираните пациенти со ковид-19 пријавиле невролошки симптоми како поматено размислување, заборавност, потешкотии со одржувањето концентрација и депресија. Овие проблеми се дел и од таканаречената состојба на ‘долг ковид’, којашто ги следи пациентите по опоравокот од почетната инфекција.

Иако имало значително воспалување во мозокот на пациентите кои починале од ковид-19, нивното мозочно ткиво немало никакви знаци за присуство на вирусот SARS-CoV-2, причинителот на ковид. Поради ова научниците сè уште дебатираат дали вирусот бил присутен во мозокот на пациентите заболени од ковид-19.

Според Вис-Кореј, вирусната инфекција предизвикува воспалителен одговор низ целото тело којшто може да поттикне воспалителни сигнали до мозочната крвна бариера, што пак може да побуди невролошко запаление во мозокот. Сосема е возможно голем број пациенти со прележан ковид-19 да ги поседуваат овие невро-воспалителни маркери кои се откриени и присутни кај луѓето кои починале од ковид-19.

Според Вис-Кореј овие наоди може да ги објаснат нејасноста на мисловниот процес, заморот, како и другите невролошки и психијатриски симптоми на долгиот ковид.