Развојот на оваа идеја на „Лего“ трае веќе три години. Потрагата по зелена алтернатива на пластиката базирана на масло била предизвик за околу 150 инженери и научници кои изминативе години тестирале стотици најразлични растителни и рециклирани материјали, за на крај да дојдат до соодветната формула која ќе биде безбедна за околината, но и за играње и градење на најмалите.

– Сакаме нашите производи да имаат позитивно влијание на планетата, не само со играта што ја инспирираат, туку и со материјалите што ги користиме, изјавил Тим Брукс, потпретседател за еколошка одговорност во „Лего“.

Прототипот на новите Лего-коцки користи ПЕТ (полиетилен терефталат) пластика искористена од фрлени шишиња. Од „Лего“, кој инаку во своите производи користи 100.000 тони пластика годишно, велат дека ќе користат рециклиран материјал од пластични шишиња од пијалоци кои се сертифицирани и оценети како безбедни во Европа и САД.

Од едно пластично шише од еден литар се очекува да се произведат околу десет стандардни Лего-коцки.

Претходно, во 2018 година компанијата дел од елементите од своите комплети за играње, како што се растенијата и дрвјата, почна да ги изработува од био-полиетилен направен од шеќерна трска. Сепак, користењето на овие материјали за поцврстите коцки за градење, сепак се покажало како предизвик.

Лего поднесе и барање за патентирање на неговата мешавина од рециклирани пластични шишиња и додатокот за зајакнување.

Сепак, иако е направен успешен прототип, ќе биде потребно повеќе време и развој пред иститот да почне да се произведува. Следната фаза на тестирање се очекува да трае најмалку една година, а новите коцки би биле пуштени во употреба во наредните 18 до 24 месеци. Во соопштението за новиот прототип, „Лего“ додава дека ќе инвестира околу 400 милиони американски долари до крајот на следната година, за да ги забрза своите амбиции за одржливост.

Инаку и ривалот на „Лего“ – производителот на играчки „Мател“, кој е најпознат по креирањето на „Барби“ куклите, во 2019 година најави дека има за цел своите пластични играчки да ги произведува од рециклирана или био пластика, почнувајќи во 2030 година.