Македонија испорачува најдобра реформска агенда во Западен Балкан, оцени австрискиот амбасадор Мартин Памер на конференцијата „Патот на Македонија до ЕУ: Предизвици и можности“, организирана од Академијата за европска интеграција. Според него, граѓаните треба да бидат оптимисти, бидејќи Владата посветено работи на евроинтеграциите, со тековен скрининг процес и очекувана втора меѓувладина конференција за почеток на преговорите.

Македонија со најдобра реформска агенда

Памер истакна дека Македонија е лидер во регионот во исполнувањето на реформите за Планот за раст на Западен Балкан.

„Македонија беше првата држава од Западен Балкан што ја испорача реформската агенда за Планот за раст на Западен Балкан и тоа всушност беше најдобриот план. Тој е сеопфатен, добро развиен, што ниту една земја во регионот досега не успеа да го постигне“, изјави Памер.

Тој додаде дека земјата напредува кон ЕУ, со надеж за уставни измени во дух на добра волја.

Посветеност на евроинтеграциите

Заменик-министерката за европски прашања Викторија Трајков нагласи дека Владата е целосно посветена на евроинтеграциите, вложувајќи максимален институционален и човечки потенцијал.

„Ние посветено работиме на европската агенда, односно Европската Унија е единствениот стратешки пат што треба да го изодиме. Затоа сме доста посветени, не само како Министерство за европски прашања, туку и другите институции, за да ја реализираме реформската агенда. Она што е многу важно е дека досега добро напредуваме, што го покажуваат и траншите што ги добивме по реализацијата на одредени реформи“, рече Трајков.

Таа изрази замор од постојаните ветувања и условувања што го попречуваат напредокот.

Габриел Лански, основач и претседател на Меѓународниот одбор на Академијата за европска интеграција, ги истакна внатрешните реформи, особено во владеењето на правото, како клучни за европскиот пат.

„Треба да се фокусираме на можностите и да се обидеме тешката работа да ја направиме возможна, дека вашето место е во Европа, во Европската Унија, и дека тоа нема да биде бенефит само за вашата земја, туку и за Европската Унија да ве има во клубот“, изјави Лански.

Тој нагласи дека членството на Македонија ќе ја зајакне и самата ЕУ.

Предизвици со бугарските условувања

Главна пречка за евроинтеграциите остануваат условувањата од Бугарија. Владата има јасен став: уставните измени се прифатливи, но со одложено дејство, односно при ратификација на членството во ЕУ, за да се спречат потенцијални уцени од Софија во текот на преговорите. Оваа позиција има за цел да обезбеди непречен пат кон ЕУ и да ја заштити земјата од дополнителни пречки.

Извор: Kurir