Макрон синоќа пристигна во прва официјална посета на Хрватска, земјата која сака да го зајакне своето членство во Европската унија, со која Франција се подготвува да претседава. Шефот на француската држава ќе остане дваесет часа во Загреб пред да замине за Рим, каде што ќе потпише француско-италијански договор и утре ќе се сретне со папата Франциск.
Со средбата со премиерот Андреј Пленковиќ, кој е на власт од 2016 година, Емануел Макрон ќе се обиде да им даде поттик на француско-хрватските односи досега прилично ограничени, особено на економско ниво, бидејќи пазарниот удел на Франција е помал од три отсто. Сепак, овие врски беа зајакнати со објавувањето во мај за договорот за купување на 12 користени борбени авиони „Рафал” од Хрватска за една милијарда евра. Договорот ќе биде потпишан од министрите за одбрана во присуство на двајцата лидери. Со оваа инвестиција Загреб има намера да ги модернизира своите вооружени сили и да ја изврши својата најголема нарачка за оружје од крајот на војната и независноста.
-Ова не е само комерцијален договор, туку и зајакнување на стратешката соработка меѓу двете земји, подвлекува Елисејската палата.
Пленковиќ и Макрон ќе разговараат и за тензиите на Балканот со „влошувањето на ситуацијата” во соседна Босна и Херцеговина, соопшти француското претседателство.
Се очекува хрватскиот лидер повторно да побара поддршка од Париз за да може Хрватска, која влезе во ЕУ во 2013 година, да влезе во еврозоната и во Шенген зоната. Макрон треба да даде позитивни знаци бидејќи Загреб „ги исполнува критериумите” што треба да му овозможат да ја усвои единствената валута во наредните години, наведува Елисејската палата. И го „поздравува” барањето за влез во Шенген зоната на Хрватска, која има една од „најголемите” надворешни граници на ЕУ.
Хрватска е меѓу последните две земји од ЕУ, кои Емануел Макрон се уште не ги посетил од почетокот на неговиот петгодишен мандат. Посетата на последната земја, Унгарија на Виктор Орбан, е „во подготовка”, посочија од Елисејската палата, нагласувајќи дека таа треба да се случи во рамките на претседавањето на Будимпешта со групата земји од Вишеград, која вклучува четири централноевропски нации.