“Бугарија не условува со измислени билатерални прашања кои на момент имаат и призвук на фашистичка идеологија а во целот процес се гледа и немоќта на Европската Унија и нејзините двојни аршини“.
Универзитетскиот професор и политички аналитичар Самоил Малчески смета дека нема искрен однос во преговорите Скопје-Софија и нашите претставници и претставниците на источниот сосед веднаш треба да прекинат со надмудрувањата по медиумите.
По однос на прашањето за една изборна единица, Малчески не верува дека ќе бидат изгласани измените измените на Изборниот законик. Вели СДСМ треба да избере помеѓу нов Изборен законик и предвремени парламентарни избори или зачувување на коалицијата и неусвојување на измените!
Излез од кризата Малчески гледа во избор на ново раководство на државата, вели- Сигурност и стабилност кај граѓаните може да влее само нова Влада која ќе биде составена од луѓе со професии и минат труд, кои знаат како да менаџираат една ваква сложена состојба.

Лидер: По една година во фиока, Предлогот на закон за изменување и дополнување на Изборниот законик, со кој се бара пратениците на Собранието да се избираат со пропорционален модел без изборен праг и со Д’Онтов модел на распределба на мандати, при што државата би била една изборна единица го помина првиот филтер во Комисија за политички систем и односи меѓу заедниците помина. Според вас , дали овој модел реално ќе ги претставува интерестите на сите граѓани и дали измените ќе го “видат денот“ покрај противењето на албанскиот политички блок?

-Па не би рекол дека е една година. СДСМ го лаже народот со една изборна единица веќе подолг период, почнувајќи од 2016 година каде за прв пат настапија на избори со ова ветување. Да не беше така до сега Изборниот законик ќе беше сменет и Република Македонија ќе беше една изборна единица. За жал, тоа ветување е уште едно во низата лажни ветувања со кои во континуитет ги лажат граѓаните и нивните коалициони партнери. Искрено, не верувам дека ќе бидат изгласани измените. СДСМ треба да избере помеѓу нов изборен законик и предвремени парламентарни избори или зачувување на коалицијата и неусвојување на измените. После противењето на ДУИ и гласањето против, сигурен сум дека ќе го изберат второто бидејќи само на тој начин ќе останат на власт и ќе продолжат безмилосно да ги трошат парите на граѓаните и безмилосно да не задолжуваат. Притоа, во следниот период доста интересна ќе биде реакцијата на помалите коалициони партнери во Владата, кои веќе подолг период во јавноста кажуваат дека ако не поминат измените ќе ја напуштат Владата.

Според мене, најдобар изборен модел е Република Македонија да биде една изборна единица со изборен праг и отворени листи. Само на тој начин ќе може директно да практикуваме демократија.

Тука исто така сакам да напоменам дека веќе подолг период се залагам и за намалување на бројот на пратеници во Собранието на Република Македонија. Според мене 120 пратеници е преголема бројка за мала држава како нашата. Доколку се направи компарација со земјите во регионот, можеме да дојдеме до заклучот дека нас ни е доволен Парламент со 90 пратеници по моделот на Словенија.

Лидер: Волјата на Борел премина во охрабрување од Петков кој изрази поддршка за европската перспектива на Македонија, но повтори дека претходно треба да се решат одредени работи, како што е почитувањето на правата на Бугарите, „со гаранции во рамките на Уставот“. Колку меѓувладините седници и состаноци кои се прават на министерско ниво помеѓу Скопје и Софија можат да го тргнат ветото од Бугарија?

-Најпрво, членството како на Република Македонија, така и на секоја земја во Европската Унија е врз основа на Копенхашките критериуми. За жал во овој процес во кој нашиот источен сосед не условува со измислени билатерални прашања кои на момент имаат и призвук на фашистичка идеологија воопшто не се дел од тие критериуми. Во целиот процес се гледа немоќта на Европската Унија или пак нејзините двојни аршини. Понатаму, ние сме сведоци на еден процес на т.н. меѓувладини седници и состаноци кои се одвиваат далеку од очите на јавноста. Притоа со месеци состанчат и воопшто не ги гледаме резултатите од тие состанчења. Доколку имаат искрени намери и нашите претставници и претставниците на нашиот источен сосед веднаш треба да прекинат да се надмудруваат по медиуми и процесот на наше членство во ЕУ треба да продолжи врз основа на вредностите на ЕУ и Копенхашките критериуми.

Лидер:Бугарите во Македонија да бидат вклучени во преговарачкиот процес со Бугарија, повика претседателот на Граѓанско Демократска Унија- ГДУ, Петар Колев, преку објава на својот facebook профил. Која е цената која треба да ја плати Македонија за влез во европското семејство?

-Малку ми е смешна целата таа ситуација. Ако земете во предвид дека на последните избори кои се случија кај нашиот источен сосед во нивната Амбасада во Скопје гласаа околу 560 гласачи, од кои скоро половина се вработени во амбасадата, може да заклучите дека Колев се бори политички да преживее и да си обезбеди место на т.н. преговарачката маса. Притоа и Колев и претставниците на т.н. Бугари во Македонија ако имаат искрена намера треба веднаш да побараат нашиот источен сосед да ги почитува пресудите кои ги има донесено Меѓународниот суд за човекови права во Стразбург, а се однесуваат на Македонското малцинство таму. Потоа, фер и коректно е Колев да побара и нивни претставници да бидат вклучени во т.н. преговрачкиот процес. Се друго е обичен фолклор, ниски страсти и желба да се биде актуелен на социјални медиуми и медиуми. Што се однесува до влезот на Република Македонија во европското семејство, како што веќе напоменав, тоа треба да е врз основа на Европските вредности и Копенхашките критериуми, се друго е рушење на правила и норми поставени токму од самите членки на Унијата. По мене, тое е веќе проблем на самата Унија, а не на Република Македонија.

Лидер: Ваше мислење, како државата се справува со кризата економската, енегретската, здравствената, воениот конфликт во Украина? Дали празните рафтови, покачената мининмална плата и пензии им влеваат сигурност и стабилност на граѓаните?

-Суштинското прашање кое треба да се постави е: „Зошто ако според Пендаровски уште во ноември 2021 година знеле дека ќе има воен конфликт на територијата на Европа, нашата Влада чекала и спиела, без навремено да превземе конкретни мерки со кои ќе се ублажи кризата?“ Станува збор за еден аматерски и непрофесионален пристап. Како што се договараат за тендери со кои се исцрпуваат пари од Буџетот, така можеле да седнат и ако ништо друго да препишат активности и мерки од некоја од нашите соседни држави. За мене неприфатливо е од сите земји во регионот само кај нас да има празни рафтови, недостаток на основни намирници, како и енергетска криза. Сигурност и стабилност кај граѓаните може да влее само нова Влада која ќе биде составена од луѓе со професии и минат труд, кои знаат како да менаџираат една ваква сложена состојба. Се додека на чело на Република Македонија имаме Влада која е составена од аматери со шупливи биографии тешко може да се каже дека како граѓани ќе имаме сигурност и стабилност.