Маричиќ појасни дека оваа листа не е поврзана со судството и судски случаи, туку е поврзана со измените на Законот за Технолошко индустриски развојни зони и во делот на третманот на услуги кои се од информатичка и компјутерска технологија.
– За јавноста е важно да појасниме дека Европската унија во 2017 година ја внесе Република Северна Македонија во системот на следење за спроведување на добрите, односно јурисдикција на добрите даночни практики. Ние доброволно сме влезени во тој систем и постојат две листи, и не постојат ниту црни ниту бели листи. Има една листа на држави коишто имаат кооперативен пристап, имаат дадено заложба дека ќе ја изменат својата законска рамка и има држави, коишто имаат некооперативен пристап и не сакаат да дадат заложба за измена на својата законска рамка во насока на добри даночни практики, вели тој.
Министерот појасни дека нашата земја се наоѓа на првата листа, на листа на држави кои се кооперативни и дале заложба дека ќе ја сменат својата законска рамка.
– Конкретно се работи за нашата заложба до идната 2022 година да го измениме законот за Технолошко индустриски развојни зони, во делот на третманот на услугите коишто се од информатичката, компјутерска технологија. Значи се работи за тоа, не се работи ниту за судски случаи, ниту за судството, додаде Маричиќ.
Ставот на директорката на Управата за јавни приходи, Сања Лукаревска е дека како институција изминатиот период ја покажале својата транспарентност.
– Се сложувам со она коешто го кажа министерот, ние постојано работиме на унапредување на даночната дисциплина, дигитализација на сите процеси во рамките на УЈП и секако секојдневно се бориме со даночното затајување, вели Лукаревска.
Порача дека УЈП и понатаму ќе биде имплементатор на успешни даночни политики.