Вицепремиерот за европски прашања и главен преговарач со Европската Унија Бојан Маричиќ од денеска престојува во Брисел по повод започнувањето на објаснувачките скрининг состаноци за кластерот 3, „Конкурентност и инклузивен раст“.
-Објаснувачкиот скрининг за овој Кластер започнува со денешниот објаснувачки состанок за Поглавјето 10, „Дигитална трансформација и медиуми“, на кој македонскиот преговарачки тим ќе ја слуша експертизата, препораките и советите од Европската Комисија во оваа област, кои понатаму ќе бидат водич во подготовките за билатералниот скрининг во ова поглавје, информираат од Секретаријатот за евтопски прашања.
Досега успешно се завршени објаснувачките скрининг состаноци за Кластерот 1, „Темели“ и Кластерот 2 „Внатрешен пазар“, што е и констатација на Комисијата во годишниот Извештај за Северна Македонија за 2022 година, дека процесот на скрининг се одвива непречено, а земјата покажува високо ниво на посветеност.
До крајот на оваа недела ќе се одржат и скрининг состаноците за поглавјата 16,17,19,20,25,26 и 29, односно поглавјата „Оданочување“, „Економска и монетарна политика“, „Социјална политика и вработување“, „Претпријатија и индустриска политика“, „Наука и истражување“, „Образование и култура“ и „Царинска Унија“.
По одржувањето на првата Меѓувладина конференција со ЕУ во јуни годинава, со која официјално Северна Македонија ги отвори преговорите, почна скрининг процесот, кој се состои од две фази. Првата е објаснувачкиот скрининг – кога Европската комисија ќе го презентира најрелевантното законодавство на ЕУ за сите поглавја сега групирани во кластери, односно во случајот на нашата земја ќе се направи само ажурирање на релевантните акти (имајќи предвид дека ние веќе поминавме низ овој процес во 2018-2019 година).
Втората фаза од скринингот, односно билатералниот скрининг, кој почнува на 11-ти ноември за кластер 1, „Фундаментални вредности“, претставува процес во кој ние го презентираме степенот на усогласеност на националното законодавство и планови за понатамошно усогласување, градење на институционални и административни капацитети, како и потребни човечки, финансиски и ИТ ресурси за спроведување на европските стандарди.