-Процесот на изготвување на законските измени за кои денес јавно дебатираме, беше максимално инклузивен и во него беа вклучени судии и јавни обвинители кои во пракса го применуваат овој закон, како и правни експерти и граѓанските организации. Земени предвид беа и препораките на релевантните тела на Обединетите нации, а пред се Комитетот за елиминација на дискриминација спрема жената, но и бројни компаративни искуства и извештаи од надлежниот комитет во рамките на Советот на Европа за следење на спроведувањето на Истанбулската конвенција- ГРЕВИО за евалуација на одредени држави – рече Маричиќ.

Според министерот за правда со ратификувањето на Конвенција, земјава демонстрираше вистинска и искрена политичка волја да се справи со насилството врз жените. Тоа се прави почитувајќи го најефективниот европски договор со кој може да се превенира насилството врз жените.

Дополнително, овие измени и дополнувања кои сега ги носат, а се однесуваат на усогласување на Казнениот законик со Истанбулската конвенција, се испраќа порака дека Владата работи на исполнување на конкретните и задолжителни обврски за заштита на жените од насилство, преку воведување и примена на холистички пристап во имплементирање на истите.