-Сепак, во носењето на законското решение предност се дава на квалитет на наставата и повеќе бенефиции за младите, така што тоа не смее да биде причина за бојкот, информира МОН по денешната средба со претставници на фејсбук-групата која бара стопирање на предлог-законот за учебници во основното и средното образование.

Промените во основното образование ќе се случат, затоа што тоа не е самоиницијативна одлука на Министерството за образование и наука, туку е резултат на сеопфатни анализи на квалитетот на националниот образовен систем спроведени од кредибилни меѓународни организации. А исто така, промените се и барање на наставниците и на многу генерации на ученици, но и потреба која  ја наметнува современиот свет и глобалните образовни трендови со кои Македонија конечно мора да фати чекор и да ги следи. Ова беше истакнато на денешниот работен состанок на претставници од МОН кои ги сослушаа барањата на Иницијативата за бојкот на наставата, наведува МОН во соопштение.

Дигитализацијата на материјалите за учење е дел од промените кои започнуваат од идната учебна година и дека е глобален процес кој, како што наведува –  „нема и не треба да ја одмине нашата земја“.

-Новините се предизвик за сите, но од нив не треба да се откажуваме, туку напротив заедно и транспарентно да продолжиме да работиме на креирање на најдобрите решенија кои ќе треба да се интегрираат во системот. Ова е досегашната практика и начин на работа на МОН, принципи по кои ќе се водиме и во иднина. Затоа што само јавен и широк процес во кој се вклучени сите засегнати страни и експертската јавност, може да резултира со подобар квалитет на националниот образовен систем и со обезбедување повеќе и подобри можности за учениците, студентите, наставниците и професорите, нагласува МОН.

Потсетува дека новото законско решение, во кое е дефинирана етапната дигитализација на материјалите за учење, ќе обезбеди достапност на учебниците за сите ученици, поголема интерактивност, намалување на учењето во домашни услови, а воедно и инклузивност, имајќи предвид дека тие ќе бидат достапни во аудиоформат, но и на Брајово писмо за учениците со оштетен вид. Исто така, преку поставувањето повеќе филтри низ постапката за изработка и усвојување на учебниците, ќе биде елиминирана веројатноста за појава на какви било грешки. Посочува и дека се воведуваат содржини од областа на мултикултурализмот, толеранцијата, почитување на различностите итн. и дека можноста за ажурирање на учебниците секоја година значи дека повеќе ќе нема да се применуваат учебници со застарена содржина.

-МОН останува отворена институција за соработка со секој заинтересиран поединец, група, граѓанска организација, здружение со намера да даде конструктивен предлог, идеја или коментар за унапредување на содржината и квалитетот на законското решение, земајќи го во преден план најдобриот интерес на учениците, информира МОН.