Остра реакција на пропагандата за „модерен идентитет“
Министерот за надворешни работи и надворешна трговија, Тимчо Муцунски предупреди за „активна пропаганда во Европскиот парламент“, поддржана од официјална Софија. Тој вели дека целта е измена на македонскиот национален идентитет. Настапот доаѓа пред објавувањето на Извештајот за напредокот на Македонија на пленарната седница на ЕП.
Муцунски оцени дека станува збор за „срамен обид“ од страна на една земја-членка на ЕУ да го редефинира идентитетот на македонскиот народ, и порача дека Владата нема да дозволи никакви компромиси кога станува збор за ова прашање.
„Модерен идентитет“ без дефиниција, компромис нема
Министерот, одговарајќи на новинарски прашања по македонско-италијанскиот бизнис форум во Скопје, рече дека сигналите од Бугарија укажуваат на тоа дека притисокот не е само во однос на уставните измени, туку се однесува и на длабоки барања за модификација на националниот идентитет.
„Во Европскиот парламент има една активна пропаганда, за жал, во негативна конотација, која е поддржана и од официјална Софија, за модификација, односно модернизација на македонскиот национален идентитет. Срамно е ова што се прави, срамен е овој обид што доаѓа од една земја членка на ЕУ за редефинирање на македонскиот национален идентитет кој ние имаме право да си го почитуваме и да си го градиме и надградуваме“, истакна Муцунски.
Според него, никој досега не објаснил што точно значи „модерен идентитет“ и „модерен јазик“, а токму поради таквата нејаснотија, државата нема намера да влегува во компромиси кои би значеле губење на суштински вредности.
Билатерализација наместо стандарди – критика за критериумите на ЕУ
Муцунски дополнително потенцираше дека европскиот пат на Македонија сè почесто се одредува не според објективни критериуми, туку преку билатерални блокади, што, според него, е антиевропско однесување.
„Нашиот напредок се почесто не се мери по објективните критериуми, туку е предмет на постојана билатерализација и услови кои немаат апсолутно никаква поврзаност со највисоките европски стандарди“, рече Муцунски, истакнувајќи дека Македонија е понекогаш и понапредна од некои членки на ЕУ во почитувањето на човековите права, особено во областа на малцинските права.
Тој ги повика европските лидери да замислат што би се случило доколку Македонија не ги имплементирала 14 пресуди од Европскиот суд за човекови права – нешто што, како што рече, би предизвикало бурни реакции.
„Не велам дека во оваа држава е сè идеално, напротив, има многу што треба да направиме, но тврдам дека по одредени прашања сме понапредни од некои ЕУ земји. Особено од земјата што во моментов става вето на нашата европска интеграција“, додаде тој.
Националниот интерес како основа на дипломатијата
Муцунски посочи дека надворешната политика на Владата се води низ призмата на националниот интерес и дека токму таквиот пристап веќе дава значителни резултати – од партнерства со ЕУ во одбраната и безбедноста, до поддршка на регионални иницијативи што го поттикнуваат бизнисот и го подобруваат животот.
Извор: Нова Македонија