Новиот извештај на Светскиот фонд за природата (ВВФ) за состојбата на планетата открива остар пад на популацијата на дивиот свет од речиси 70 проценти во текот на изминатите 50 години.
Индексот за животот на планетата составен од Зоолошкото друштво на Лондон, како дел од извештајот, го покажа брзиот пад на повеќе од 5.000 вида цицачи, птици, водоземци, влечуги и риби во светот, а во нашиот регион се намалува популацијата на слатководните риби, главно поради изградбата на хидроцентрали, изјави Горан Секулиќ, програмски соработник на ВВФ Адрија.
Тој на медиумска конференција рече дека иако во Европа е забележана најниска стапка на намалување на популацијата на диви животни, многу видови веќе претрпеле големи загуби во времето кога почнале мерењата.
Особено беше погодена популацијата на диви животни во Јужна Америка, која за пет децении се намали за 94 отсто, а во Европа за 18 отсто, што на глобално ниво бележи пад на популацијата од 69 отсто – се наведува во извештајот на Светскиот фонд за природата.
Во извештајот за состојбата на планетата е утврдено дека главни фактори за намалувањето на бројот на диви животни е уништувањето на природните живеалишта поради развојот на земјоделството, загадувањето, климатските промени, внесувањето инвазивни видови и болести.
Генералниот директор на ВВФ, Марко Ламбертини, рече дека резултатите се загрижувачки и ги повика јавноста, лидерите и големите корпорации да ги променат своите штетни навики пред да пропадне синџирот на исхрана.
Светските лидери ќе се сретнат во Монтреал, во декември, на 15-та конференција на потписниците на Конвенцијата за биолошка разновидност, а во оваа пригода авторите на извештајот апелираат да се создаде нов договор за заштита на природата, кој ќе биде сличен на Парискиот договор за климатските промени од 2015 година. Со тој договор, лидерите ќе се обврзат да го запрат губењето на биолошката разновидност и до 2030 година да обезбедат свет фокусиран на зачувување на природата.