Плусинфо објавува дека новата шефици на скопското вишо обвинителство е именувана незаконски. Во продолжение ја пренесуваме нивната анализа.

Каква „игранка“ се случува во Советот на јавни обвинители?

Медиумите вчера ја објавија веста дека Советот на јавни обвинители едногласно ја именувал обвинителката Наташа Крстевска Цалева за вршител на должноста шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје, поради оддалечувањето на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи.
Во веста беше нагласено дека одлуката била донесена по предлог на републичкиот јавен обвинител Љупчо Коцевски, кој нагласил дека Крстевска Цалева ги исполнува сите услови за раководење со Обвинителството. Се потсетува и тоа дека Хајрулахи бил оддалечен од функцијата поради тоа што против него се води дисциплинска постапка поради наводни неправилности во работењето, како и кривична постапка за наводен мобинг.

Она што не е јасно е по кој закон Советот на јавни обвинители именувал в.д. шеф на Вишото јавно обвинителство Скопје. Ако биле применети одредбите на Законот за јавно обвинителство (Службен весник  на РСМ број 4 од 16.2.2020 година), тогаш лесно може да се заклучи дека одлуката е незаконска.

Што вели Законот за јавни обвинители?

Во член 25 став 3 од тој закон пишува: „Ако на јавниот обвинител на јавното обвинителство му е истечен мандатот, му престанала функцијата или е разрешен, Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија со одлука донесена од мнозинство гласови од вкупниот број членови на Советот, определува јавен обвинител од редот на јавните обвинители во тоа јавно обвинителство, кој ќе ја врши должноста до изборот на јавен обвинител во тоа јавно обвинителство, а ги исполнува условите за јавен обвинител на тоа обвинителство, но не подолго од шест месеци.“

Ова значи дека Советот за јавни обвинители можел да определи нов шеф на ВЈО Скопје само по три основи: ако на актуелниот шеф му е истечен мандатот, ако му престанала функцијата или ако е разрешен. Неспорен факт е дека на Хајрулахи не му е истечен мандатот, не е разрешен и не му престанала функцијата по друг основ.

Точно е дека дисциплинската постапка што се води против него може да заврши и со одлука за разрешување, но дисциплинската не е завршена, таа штотуку почнала. Точно е и тоа дека евентуалниот конечен исход на истрагата за наводен мобинг, што е отворена против Хајрулахи, би можело да биде и правосилна осудителна пресуда, но постапката е во фаза на истрага и за Хајрулахи уште не е подигнато ни обвинение. Таа постапка е далеку од правосилна пресуда.

Дали можеби Советот за јавни обвинители суспензијата на Хајрулахи можел да ја протолкува како основа за престанок на функцијата? Не. Никако. Еве што вели Законот во членот 87:

„(1) На јавниот обвинител функцијата му престанува:
– по сопствено барање,
– ако го изгуби државјанството на Република Северна Македонија,
– ако трајно ја загуби способноста за вршење на функцијата јавен обвинител,
– ако ги исполни условите за старосна пензија со право на продолжување согласно со Законот за работните односи,
– ако на негово барање и со негова согласност е избран или именуван на друга јавна функција, освен кога функцијата јавен обвинител мирува под услови утврдени со овој закон или
– ако е осуден со правосилна судска одлука на казна затвор во траење од најмалку шест месеци.
(2) Во случаите од ставот (1) на овој член престанокот на функцијата јавен обвинител го утврдува Советот на јавни обвинители на Република Северна Македонија.“

Внимателно ги проучивме и законските одредби за дисциплинската постапка против јавен обвинител (таква се води против Хајрулахи), односно членовите 93, 94, 95, 96 и 97. И таму нема никаков основ за одлуката на Советот на јавни обвинители.

Во случајот на Хајрулахи, евентуално можело да се примени членот 25 став 2 од Законот, кој вели: „Јавниот обвинител на Република Северна Македонија, вишиот јавен обвинител на вишо јавно обвинителство, основниот јавен обвинител на Основното јавно обвинителство за гонење на организиран криминал и корупција и основниот јавен обвинител на основно јавно обвинителство за време на нивно отсуство ги заменува јавен обвинител од тоа обвинителство, што тие ќе го определат со годишниот распоред за работа.“ Интересно е дека Хајрулахи, поради своето отсуство, веќе постапил по оваа одредба и определил да го заменува обвинителката Софија Гоџовска.

Од каде и зошто одеднаш расправа за „состојбите“ во скопското Вишо јавно обвинителство?

Но, на Советот за јавни обвинители тоа не било доволно и очигледно некому му било многу важно да избере нов в.д. шеф на скопското Вишо јавно обвинителство, макар тоа да се стори и незаконски. Според сознанијата на Плусинфо, оваа „игранка“ во Советот за јавни обвинители можеби има врска со клучната причина поради која Хајрулахи, како што тврди самиот, е раска во очите на јавниот обвинител Љупчо Коцевски и на обвинителот Гаврил Бубевски, кој потекнува од поранешното Специјално јавно обвинителство (СЈО) на Катица Јанева.

Погодувате, станува збор за случајот „Бонусите на СЈО“, покренат врз основа на наод на Државниот завод за ревизија, кој утврил дека тоа обвинителство незаконски поделило бонуси на своите вработени во износ од 4,5 милиони евра. Хајрулахи тврди дека Љупчо Коцевски е под контрола на неколку поранешни обвинители на СЈО и под нивно влијание врши притисок случајот да биде затворен.

Но, да одиме со ред…

Заменикот на Вишиот јавен обвинител на ВЈО Скопје, Јован Цветановски, на почетокот на јануари, до Совет на јавни обвинители и до Јавното обвинителство на Република Северна Македонија доставил Годишен распоред во кој точно наведува кој ќе биде негов заменик. Ниту од страна на Советот на јавни обвинители ниту од страна на Јавното обвинителство немало било каква реакција за Годишниот распоред.

Но, иако двајцата виши јавни обвинители кои не се по волја на Коцевски, Хајрулахи и Цветановски, се оддалечени или под суспензија, со една прилично чудна одлука (бр. 02-30/1), Советот за јавни обвинители напрасно свикува седница за 10 февруари (вчера), на која прва точка на дневниот ред е „Разгледување на состојбите во Вишото јавно обвинителство Скопје и одлучување по истата“.

Дали обвинителката Сарамандова била фаворитот на Коцевски?

Врз основа на неофицијални сознанија за текот на оваа седница, ќе поставиме неколку прашања:

Прво, дали скриената намера била на местото на Хајрулахи да се постави обвинителката Наташа Сарамандова (за која во обвинителски кругови се тврди дека е блиска со Гаврил Бубевски – колегијално, се разбира), за да се олесни блокирањето на предметите „Бонусите на СЈО“ и за Васко Ковачевски?

Второ, дали е вистина дека на седницата на Советот за јавни обвинители токму обвинителката Сарамандова била предлог на јавниот обвинител Љупчо Коцевски, таа да седне во фотелјата на Хајрулахи?

Трето, дали е точно дека предлогот за Сарамандова за в.д шефица на ВЈО го прифатил Ермон Незири, јавен обвинител и член на Советот на јавни обвинители, за кого во обвинителски кругови исто така се тврди дека е близок до Гаврил Бубевски (колегијално, се разбира)?

Четврто, дали е точно дека предлогот за Сарамандова наишол на одбивање од страна на другите членови во Советот на јавни обвинители?

И петто, дали Наташа Крстевска Цалева, всушност, била втор предлог на седница на Советот за јавни обвинители, на кој спомнатиот Ермон Незири наводно се спротивставил?

Која е „мааната“ на Наташа Крстевска Цалева?

„Мааната“ на Наташа Крстевска Цалева е тоа што нејзина мајка е Роксанда Крстевска, за која во обвинителски кругови се тврди дека била блиска до СДСМ, но и дека била советник на поранешното СЈО на Катица Јанева. Во врска со оваа забелешка и со текот на седницата на Советот за јавни обвинители, ќе поставиме уште две прашања:

Прво, дали е вистина дека и сопругот на претседателката на Советот на јавни обвинители, Душица Димитриевска, исто така работел во СЈО и дека од фамозните бонуси на СЈО тој зел 20.000 евра?

Второ, дали и членот на Советот за јавни обвинители Светлана Жупановска (која учествувала и во работата на Советот кога се одлучувало по жалбата на вишиот јавен обвинител Мустафа Хајрулахи), работела како стручен соработник во поранешното СЈО и исто така зела 20.000 евра од бонусите?

Дали предметот „Бонуси за СЈО“ е прапричина на сите конфликти меѓу обвинителите?

Сите овие околности упатуваат на тоа дека не треба туку така да се отфрли тезата на суспендираниот и кривично гонет виш јавен обвинител Мустафа Хајрулаху, дека неговата судбина и конфликтот со државниот јавен обвинител Љупчо Коцевски зависат од тоа дали ќе успее акцијата за блокирање на случајот „Бонуси на СЈО“. Коцевски опстанува на тезата дека подносителот на кривичната пријава, партијата ВМРО-ДПМНЕ, не е оштетена страна во случајот и дека тоа е причина пријавата да се отфрли.

Како и да е, со внимание очекуваме денеска да ја видиме одлуката на Советот за јавни обвинители за именување на Наташа Крстевска Цалева на позицијата в.д. шефица на Вишото јавно обвинителство Скопје. Посебно ќе биде интересно да се прочита на кој дел од Законот за јавни обвинители се повикува таа одлука. Ние се потрудивме, но такви одредби во Законот не најдовме.

Без оглед што е суспендиран поради дисциплинска постапка и е под истрага поради крајно сомнителна кривична пријава, Мустафа Хајрулахи не е разрешен, не му престанала функцијата и е далеку од крај на мандатот. Поинаку речено, според словото на Законот за јавни обвинители, тој и понатаму е шеф на Вишото јавно обвинителство. Тоа што Советот за јавни обвинители донел одлука да го смени, утре може да биде основа и за кривична постапка против членовите на ова тело, ако се покаже и ако се докаже дека одлуката била незаконска.

Нашиот впечаток е дека и оваа „игранка“ во Советот за јавни обвинители покажува зошто довербата на граѓаните во македонското правосудство е само 2 отсто.