Една од главните теми на овој министерски состанок, како што соопшти МНР, беше натамошниот развој на иницијативата „НАТО 2030“ и како НАТО да продолжи да се адаптира на промените во однос на безбедноста и растечките закани.

На состанокот трансатлантското партнерство беше високо на агендата при што земјите-членки се согласија дека трансатлантските врски остануваат камен темелник на нашата колективна одбрана и се од голема важност за политичката кохезија.

Министрите одлучија на следниот Самит на НАТО да се отвори ново поглавје во трансатлантските односи и да се донесат нови насоки за иднината на Алијансата до и по 2030, како и понатамошното зајакнување на политичката димензија на НАТО вклучувајќи и одржување на консултации.

За време на состанокот беа прифатени и препораките за ажурирање на Стратешкиот концепт на НАТО.

На денешната трета сесија беше нагласена потребата за зајакнување на стратешката соработка меѓу НАТО и ЕУ.

– Слично на НАТО, и европската перспектива ќе придонесе за стабилноста и безбедноста на нашиот регион. Не треба да дозволиме амбивалентноста да резултира со дивергенција кој би можела лесно да се искористи од надворешни актери. Затоа, придружувањето на Западен Балкан кон ЕУ е од значајна важност, истакна Османи.

Во однос на Авганистан, министрите ја нагласија целосната поддршка на напорите за засилување на мировниот процес, појаснувајќи дека само преку решение кое доаѓа како резултат на преговори може да се обезбеди одржлив мир и да се спречи Авганистан повторно да стане платформа за меѓународен тероризам. Министрите разменија мислења и за Блискиот исток, Северна Африка, НАТО Мисијата во Ирак, хибридните и кибер предизвици, контрола на оружјето, разоружувањето и непролиферацијата како и борбата против тероризмот.

На маргините на денешниот состанок министерот Османи оствари билатерална средби со својот португалски колега Аугустос Сантос Силва, чија земја е актуелен со ЕУ. Двајцата министри покрај безбедносните предизвици разговараа и за европското досие на С. Македонија, особено можностите за заокружување на одлуката на Советот за почеток на преговорите за време на португалското претседателство.

Министерот Османи оствари средба и со министерот за надворешни работи на Финска, Пека Олави Хаависто. На средбата соговорниците разменија мислења за блиското партнерството помеѓу НАТО и Финска, европската агенда на С. Македонија и процесот на проширување со ЕУ како и можностите за продлабочување на севкупните односи преку унапредување на политичкиот дијалог.

На Северно-Атлантскиот Совет на НАТО, министрите за надворешни работи одобрија и нотираа неколку усогласени документи во врска со темите кои беа предмет на дискусија во рамки на НАТО.