Предвремени избори може да направиме и утре, но што би решиле тие во однос на кризите со кои се соочуваме, оцени претседателот Стево Пендаровски, додавајќи дека се сомнева оти со предвремени избори би имало деблокада на евроинтеграциите или промени во делот на цените на енергија и храна.
Зборувајќи за политичката нестабилност и турбуленции дома, Пендаровски во емисијата „Утрински Брифинг“ истакна дека не гледа како кризите би можеле да се решат со нова политичка структура.
– Високите цени на енергенсите, храната и инфлацијата не е само домашен производ. Енергетската криза почна шест-седум месеци пред војната во Украина. На кој начин нова влада тука ќе има влијание на глобалните пазари на животни продукти, изјави Пендаровски.
Според Пендаровски, факт е дека „конструкцијата на бугарската политичка сцена“ во моментов е таква што отежнува да се постигне договор.
– Перспективата за ЕУ во догледно време за жал е завршена. Шансите се се помали и помали. Не можам да кажам дека се завршени. Не можам да кажам, граѓани од утре одиме на сосема друга стратешка перспектива, бидејќи друга подобра не гледам, но мора да ги менаџираме тие очекувања кои беа нереално високи изминативе година-две, изјави претседателот на државата Стево Пендаровски во „Утрински брифинг“.
Во однос на „Отворен Балкан“, Пендаровски рече дека имал резерви кон оваа иницијатива од 2019 година и дека таа не треба да биде алтернатива за ЕУ, посочувајќи дека и политичарите нема да имаат кредибилитет по 20 години ЕУ и НАТО, да излезат и кажат пред граѓаните дека има друга европска иницијатива.
– Засега јас немам проблем со таа иницијатива, бидејќи не гледам дека се декларира и суштински е алтернатива на европските интеграции… „Отворен Балкан“ и тоа е став на ЕУ, треба да биде само дел од Берлинскиот процес за регионот. Засега ставот на ЕК е дека сите шест земји од Западен Балкан треба да бидат дел и сите шест се дел од Берлинскиот процес, додека во Отворен Балкан се само три, изјави Пендаровски.
Во однос на војната во Украина, Пендаровски рече дека според сите проценки, нема никакви позадински преговори, а најмалку сериозни политички преговори меѓу Русија и Украина.
– Практично двете страни на Атлантикот, денеска ако прашувате, велат дека војната ќе потрае. Разликите меѓу нив се само меѓу тоа дали ќе трае со години или со месеци. Никој не предвидува дека за две-три недели ќе заврши војната, изјави Пендаровски.
За тоа како сето тоа ќе се одрази на нас, Пендаровски, вели дека од воено-политичкиот дел имаме јасни обврски како земја членка на НАТО и ние согласно нашите ресурси активно помагаме.
– Во однос на високите цени на енергија и храна, наредниве месеци или следната зима, ние ќе ја делиме судбината на Европа. Бидејќи, сме држава со лимитирани ресурси, ние ќе трпиме повеќе, бидејќи немаме така силен одбранбен механизам како една Германија или Франција, изјави Пендаровски.