Од утре, во Општата болница во Кочани започнува четиридневна здравствена евалуација на сите повредени во трагичниот пожар во дискотеката „Пулс“, кој се случи на 16 март. Повикот важи за сите, почнувајќи од оние што се лекуваа во странство, тука, но и оние кои се лекуваа дома, пренесува СДК.

Заменик-министерот за здравство Јовица Андовски информираше дека е формиран тим од специјалисти од КАРИЛ, ГОБ „8 Септември“, Клиниката „Св. Наум Охридски“, Клиниката за пластична хирургија и Клиниката за токсикологија, кој ќе ја спроведе евалуацијата.

„Ги повикуваме сите, дури и оние кои не биле хоспитализирани, да се појават во болницата. Ќе направиме комплетна проценка за понатамошно лекување и рехабилитација“, изјави и директорот на ФЗО, Сашо Клековски.

Прозивка од повредените – се чувствуваат заборавени и сами ги покриваат трошоците

И покрај уверувањата од надлежните дека пациентите не се заборавени, денес во јавноста пристигна писмо од повредени кои биле пуштени на домашно лекување. Во писмото, испратено преку граѓанската иницијатива „Супорт Кочани“, тие реагираат дека се оставени сами да ги сносат трошоците за терапија, ортопедски помагала и лекарства.

Властите уверуваат: Системот не потфрли, со евалуација ќе бидат опфатени сите кои биле во „Пулс“

На денешниот брифинг, здравствените власти негираа дека има системски пропусти.

„Можеби има поединечен пропуст, но затоа е оваа евалуација – за да се опфати секој и да не се остави никој надвор од системот“, рече Клековски.

Директорката на Клиниката за пластична хирургија д-р Јасмина Ѓорѓиевска-Павловска додаде дека секој има пристап до лекарите и се охрабруваат и неповиканите да дојдат во болницата.

Андовски изјави дека Министерството испраќа тим од специјалисти секоја недела во Кочани и дека на располагање стои за сè што е потребно.

Хипербарната комора сè уште не се користи – се чека обука

Иако болницата во Кочани веќе има добиено хипербарична комора – донација преку иницијативата „Супорт Кочани“ – таа сè уште не се користи. Причината, според Клековски, е што станува збор за чувствителна опрема која бара специјализирана обука за персоналот, бидејќи погрешна употреба може да биде опасна.

„Комората не е за сите повредени, туку само за одредени случаи со изгореници и труење со чад. Ќе се користи по завршувањето на обуките“, рече тој.

Во моментот, 40 пациенти се на физикална терапија во Кочани, а 45 здравствени работници – од кои 10 од локалната болница – веќе поминале обука со британски експерти.

Пожарот во „Пулс“ – трагедија што остави длабоки траги

Во пожарот во дискотеката „Пулс“ животот го загубија 62 лица, од кои 6 беа малолетници. Повредени беа 193 лица, меѓу кои и 25 деца. Денес, 11 пациенти се уште се лекуваат во странство, а 7 во македонски болници – двајца од нив во приватна установа. Само една пациентка се наоѓа во критична состојба.

Четворица повредени од пожарот во Кочани се враќаат од лекување во странство

Здравствените власти повторуваат дека никој нема да биде оставен сам. Најавуваат дека евалуацијата ќе помогне системот да ги „врати“ сите кои биле оставени надвор од него.