Според него, од исклучително значење е Координативно тело да ја интезивира и прекуграничната соработка со Албанија и Грција со употреба на сите расположливи дипломатски канали за реализација на трилатералниот договор за заштита и одржлив развој на паркот „Преспа“ и поттикнување на работата на заедничко координативно тело за прекугранична соработка и мониторинг не само на водите на Преспанското Езеро, туку и на целиот еко систем во и околу езерото.

Тој ги истакна двете главни придобивки, кои произлегоа од историскиот Договорот од Преспа и тоа нашиот заштитен идентитет во рамките на меѓународното право да се идентификуваме како Македонци, кои зборуваат македонски јазик и се потврдија нашата култура и културно наследство.

Повикувајќи ги сите граѓани, посебно оние на Преспа, да се приклучат кон Координативното тело, премиерот спомена дел од придобивките на регионот, нагласувајќи го проектот „Мултимедијален центар за млади и зедниците“, кој, посочи дека ќе биде место, каде во иднина ќе се организира меѓународниот форум за дијалог и соработка „Преспа форум за дијалог“.

– Треба да ги вложиме сите напори „Преспа форум за дијалог“, да добие идентитет и бренд, кој ќе биде врзан за Северна Македонија, како држава креатор на нова политика, која за своја перспектива го има креирањето иднина базирана на соработка разбирање и дијалог. Нека зрачи Преспа со решение за мир. Оваа визија е споделена со нашите пријатели и партнери од Албанија и Грција, рече Заев.

Почеток на работа на Координативно тело за поддршка и одржлив развој на Преспанскиот регион го најави координаторот Горјан Тозија, кој посочи дека визијата за добрососедство што во 2018 година ја реализираа премиерите Зоран Заев и Алексис Ципрас, верификувана од министрите за надворешни работи Никола Димитров и Никос Коѕијас, како што рече, денес продолжува да гради нова прикзна во духот на новото време во Препсанскиот регион.

Преспанскиот регион, според него, долго време беше невидлив во развојните амбиции во државата, но оти прмеиерот Заев одлучно застанал зад идејата да се создадат услови за одржлив развој и европски перспективи на регионот.

– Да создаваме услови во кои идните прогресивни генерации нема да се навраќаат на некој штетни историски размисли, туку ќе ги искористат сите расположливи технолошки и културолошки алатки за изградба на поубав свет и да бидат европски поконкурентни, рече Тозија.

Тој потсети дека токму во овој регион, во селото Љубојно е прво училиште на македонски јазик, каде своето образование го завршиле врвни македонски имиња.

– Еден од приоритетните проекти ќе биде токму реконструкцијата за училиштето „Димитар Влахов“ во Љубојно, каде а 15 ноември 1945 година се одржа првиот час на Македонски јазик. По реконструкцијата предвидено е училиштето да прерасне музеј центар за афирмација на македонскиот јазик и културното наследство, истакна Тозија, дополнувајќи дека тоа ќе овозможи и побогата туристичка понуда, како и годишно одржување на меѓународен летен универзитет од областите на македонистиката, балканистиката, културата, етнологијата…

Приоритет на Координативното тело, додаде тој, е амбиентална одржливост, односно грижата за реткиот преспански биодиверзитет. Координаторот на Координатвиното тело се осврна и на отворањето на граничниот поремин „Маркова нога“ кон соседна Грција, што смета дека ќе допринесе Преспа да стане иновативна туристичка дестинација, која освен природните ресури има јасна методологија како да се наметне пред домашните и странските посетители.

За градоначалникот на Општина Ресен, Живко Гошаревски, денешниот ден кога се одржува првиот состанок на Координатвиното тело за поддршка и одржлив развој на Преспа, е историски.

– Наша заедничка цел како работна група е да обезбедиме заштита на природното и културно-историското наследство и да преземеме мерки и активности за долгорочна одржлива перспектива на Преспаснкиот регион, истакна Гошаревски, нагласувајќи дека „заспаната убавица“ Преспа полека се буди благодарение на премиерот Зоран Заев, екс комесарот Јоханес Хан, извршниот директор на канцеларијата на ЕУ Никола Бертолини.

Владата и Општина Ресен, додаде, во соработка со Канцеларијата на Европската унија во Скопје, аплицирале во ИПА 3 фондовите, програмата „ЕУ за Преспа“ со буџет од 21 милион евра за инвестиции во инфраструктурата во водиснабдувањето, за собирање и третманна отпадни води, зачувување на природните ресурси, поттикнување органско земјоделство, подигање на локалните капацитети за одржлив туризам, изградба и опремување на мултимедијален центар каде ќе се одржува „Преспа форумот за дијалог“, изградба на граничниот премин „Маркова нога“ ….

– Како Координативно тело, максимално и посветено ќе придонесеме за реализација на програмата „ЕУ за Преспа“ да ја продолжиме и во иднина да ја надргадуваме успешната приказна за Преспанскиот регион, рече Гошаревски.