Албанскиот премиер Еди Рама во интервју за германскиот весник „Велт“ повика на забрзување на процесот на пристапување на ЕУ кон Западен Балкан. Тој неодамна побара поддршка од германскиот канцелар Олаф Шолц.
Главната причина за неодамнешната посета на албанскиот премиер Еди Рама на канцеларот Олаф Шолц, како што објасни во интервју за весникот „Велт“, е да се собере поддршка за што поскоро пристапување на Албанија во ЕУ.
-Канцеларот покажа дека е подготвен да го забрза овој процес, рече Рама.
Засилениот фокус на Западен Балкан се забрза по рускиот напад врз Украина и стравувањата од негативните ефекти што овие нови случувања би можеле да ги имаат врз овој сè уште нестабилен регион. Рама во своето интервју го нагласи токму тој безбедносен аспект.
-Европската унија би била побезбедна и посилна со земјите од Западен Балкан, изјавил Рама.
Тој ја наведе ситуацијата со бегалците во 2015 година, кога стотици илјади бегалци од Блискиот Исток пристигнаа во ЕУ преку Западен Балкан.
-Ако тие земји тогаш беа членки на ЕУ, ќе беше многу полесно да се ослабне тој бегалски бран, вели албанскиот премиер.
Тој се согласува и со оценката дека ситуацијата во регионот по рускиот напад на Украина е уште почувствителна.
-Регионот е ранлив поради силното руско влијание. Не во Албанија, туку поради руското влијание во Босна и Херцеговина, Црна Гора и пред се’ Србија. Но, добар знак е што Србија за време на осудата на руската агресија на Генералното собрание на ОН застана на страната на Западот, рече Рама.
Тој ги бранеше лидерите на Франција и Германија, кои се на удар на критики поради тоа што се премногу попустливи кон рускиот претседател Владимир Путин.
-Мислам дека Меркел или Штајнмаер не беа премногу попустливи кон Путин. Тие не се колебаа да ја осудат Русија кога тоа беше потребно, коментира Рама.
Рама објасни дека во моментов во Албанија нема преголеми проблеми со растот на цените на храната, што делумно може да и се заблагодари на Србија.
-Постои важен мост кон Србија, која со години ги снабдува албанските компании со жито. Создадовме залихи давајќи им гаранции на нашите увозници дека нема да наидат на проблеми ако купат повеќе од вообичаеното. Цените се високи, но не можеме зборуваме за некои експлозии, заклучи Рама.