Здружението на судии со реакција за црната листа на САД
Ставањето на судија на “црната листа” на САД претставува сериозен удар за честа и угледот на судската власт, соопшти Здружението на судии. Тие побараа брзо разрешување на случајот, истакнувајќи дека независноста и интегритетот на судската фела мора да се заштитат.
-
„Земајќи го предвид значењето на етичкото однесување и неприкосновениот интегритет на судиите, кој мора да биде во согласност со Уставот и законите на нашата држава, како и со меѓународните стандарди и препораки од Европската унија и Соединетите Американски Држави како стратешки партнери, Здружението на судии апелира на брзо решавање на случајот. Тоа е од суштинско значење за зачувување на независноста и интегритетот на судиите во државата“, порачаа од Здружението на судии.
Врховниот суд ја поддржува борбата против корупцијата
Во својот став по овој повод, Врховниот суд истакна целосна поддршка за заложбите на Стејт департментот на САД за владеење на правото и зајакнување на правната држава. Тие ја нагласија важноста на борбата против корупцијата и потребата за постапување во согласност со законите и институционалните надлежности.
-
„Во контекст на борбата против корупцијата, неопходно е институциите да постапуваат приоритетно и целосно во согласност со законите и нивните надлежности. Тоа е клучно за зачувување на интегритетот на судството, обезбедување правда и јакнење на јавната доверба. Секое политичко влијание, притисоци или коруптивни активности кои ги загрозуваат основите на судската власт се недозволиви“, соопшти Врховниот суд.
Претседателката Давкова бара оставки од членовите на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители
Претседателката Давкова ја изрази својата загриженост поради вклучувањето на името на судијата Енвер Беџети на “црната листа” на САД. Таа нагласи дека итни реформи во судството се неопходни и посочи дека институциите треба да бидат чувари на правдата, а не извор на неправда.
-
„Судот треба да биде симбол на почитување на правото и правдата. Но, неправдата создава слаби институции. Поради тоа, се потребни итни реформи во судскиот систем“, истакна претседателката Давкова.
Таа истакна дека оставките на членовите на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители треба да бидат првиот чекор за враќање на довербата во судството.
-
„Поднесувањето оставка од страна на членовите на Судскиот совет и Советот на јавните обвинители претставува најморален чин и првиот неопходен чекор што треба да се преземе. Кога довербата на граѓаните во овој сектор е само 2%, тоа јасно покажува дека се создал систем што е партизиран и политизиран“, нагласи Давкова.
Според Давкова, одговорноста за состојбата во судството лежи кај Судскиот совет и Советот на јавните обвинители, бидејќи токму овие органи треба да бидат гарант за независноста на судството.
-
„Треба да се разгледа не само конкретниот случај, туку и начинот на кој сите што се дел од судскиот систем добиле одредени позиции. Најголемиот дел од одговорноста лежи кај Судскиот совет и Советот за јавни обвинители. Тие се клучните органи кои треба да ја гарантираат независноста на судството. Нивната улога е да бидат контролен механизам, филтер и инструмент за откривање на неправилностите во системот“, изјави Давкова.
Случајот со судијата Енвер Беџети
Енвер Беџети, судија известител, стана познат по својата улога во случајот „Таргет-Тврдина“, каде што Судскиот совет утврди дека тој со месеци го чувал предметот во фиока. Поради ова, му беше изречена дисциплинска мерка, по што во текот на шест месеци добиваше 20% помала плата.