Вашингтон го притиска кочницата
Соединетите Американски Држави ги запреа дел од испораките на муниција и ракети за противвоздушна одбрана на Украина, поради загриженост за сопствените резерви, јавуваат американски медиуми повикувајќи се на неименувани извори во Пентагон. Станува збор за оружје што било претходно ветено од администрацијата на тогашниот претседател Џо Бајден, а во испораките што доцнат имало и ракети дизајнирани за пресретнување руски дронови и ракети.
Одлуката доаѓа во клучен момент – токму кога Украина е под засилени воздушни напади од Русија. Според „Гардијан“, ова е сериозен удар врз способноста на Киев да ја брани својата територија.
Пентагон: „Не ја исклучуваме поддршката – се прилагодуваме“
Потсекретарот за одбранбена политика, Елбриџ Колби, потврди дека министерството врши ревизија на стратегијата.
„Министерството внимателно го ревидира и адаптира својот пристап кон исполнување на целта – завршување на војната, истовремено одржувајќи ја борбената подготвеност на американските сили според стратешките приоритети на администрацијата“, изјави Колби.
Еден висок американски функционер, кој побарал анонимност, нагласил дека анализите во Пентагон покажале алармантно ниско ниво на залихи од овој тип оружје во арсеналот на САД, што довело до запирање на испораките кон Украина.
Сепак, Министерството за одбрана не открива детали за конкретниот вид оружје што е погодено од оваа одлука.
Трамп: „Патриот“ ракети – можеби ќе дадеме, но и нам ни требаат
На маргините на НАТО-самитот во Хаг, американскиот претседател Доналд Трамп на средбата со украинскиот претседател Володимир Зеленски не ја исклучи можноста за дополнителна поддршка со ракетни системи од типот „Патриот“.
„Тие сакаат да ги имаат овие ракети што ги нарекуваат ‘Патриот’. И ќе видиме дали можеме да ставиме некои на располагање. И нам ни се потребни. Со нив го снабдуваме со Израел и тие се многу ефикасни, 100 проценти ефикасни. Тешко е да се поверува колку се ефикасни. Тие го сакаат тоа повеќе од сè друго“, изјави Трамп.
Помош вредна над 66 милијарди долари
Според анализата на „Гардијан“, САД од почетокот на руската инвазија во февруари 2022 година досега ѝ обезбедиле на Украина воена помош во вредност од над 66 милијарди долари. Војната продолжува да влијае врз геополитичките односи. САД редовно ги охрабруваат своите сојузници – особено во Источна Европа – да обезбедат воздушна одбрана за Украина. Но, многу земји се воздржани, стравувајќи од сопствена ранливост во однос на Русија.