Укинување на мерката за задолжително поседување КОВИД-19 сертификат за влез во трговски центри/молови, сертификатот за прележан КОВИД-19 наместо 45 да трае 180 дена и укинување на одлуката со која бремените жени се ослободуваат од работа и работни обврски со физичко присуство на работното место, се предлозите на Главниот координативен кризен штаб за справување со последиците од КОВИД-19 кои дојдоа како препораки на Комисијата за заразни болести, а ги прифати Владата вчера на седница.

Согласно предлозите, Владата донесе одлука да се укине мерката за задолжително поседување КОВИД-19 сертификат за влез во трговски центри/молови, за кои останува како задолжително носењето заштитни маски, додека обврска за задолжително поседување на КОВИД-19 сертификат останува за влез во угостителските објекти каде што се служи храна/пијалак, кои се во состав на трговски центри/молови, соопшти владината прес- служба.

Владата го прифати и предлогот траењето на сертификатот за прележана болест од КОВИД-19, наместо досегашните 45 дена, да трае 180 дена, односно шест месеци, сметано од датумот на позитивен ПЦР тест.

Врз основа на препораката на Комисијата за заразни болести Владата донесе одлука за укинување на одлуката со која бремените жени се ослободуваат од работа и работни обврски со физичко присуство на работното место. Со оваа одлука е прифатена и препораката бремените жени да се вакцинираат.

Во врска со оваа точка, Владата донесе одлука да се укине барањето за задолжителен КОВИД-19 сертификат за излез од територијата на Република Северна Македонија.

Во меѓувреме, продолжува намалувањето на активните ковид случаи во државата чиј број, според вчера објавениот извештај на Институтот за јавно здравје, изнесува 2248, од кои најголем број 1291 се во Скопје.

Во неделниот извештај на Институтот за периодот од 28 февруари до 6 март минатата недела се регистрирани за една третина помалку заразени, починати и хоспитализирани од КОВИД-19.

Регистрирани сe 2.504 нови позитивни ковид случаи, што е за 32,3 отсто помалку во однос на претходната недела. Процентот на позитивност се движи од 9,4 отсто до 18,4 отсто, просечно 14 отсто. Тестирани се 17.416 материјали во лабораториите во кои се спроведува молекуларно тестирање и антигенско тестирање за присуство на SARS-CoV-2, со намалување од 9,4 отсто во однос на минатата недела. Најголем дел од регистрираните случаи се од Скопје (n=1.418; 56,6 отсто), а највисока неделна инциденца е регистрирана во Кавадарци – 389,4/100.000, Скопје – 312,7/100.000 и Демир Капија – 308,6/100.000.

Регистрирани се заболени лица во сите возрасни групи. Најзастапена е возрасната група над 60 години (n=705, 28,2 отсто). Најмал број е регистриран кај децата на возраст до девет години (n=103; 4,1 отсто).
Во однос на претходната недела, се забележи намалување на бројот на заболени кај сите возрасни групи, а најзабележително од 46,9 отсто кај децата на возраст до девет години.
Согласно новиот алгоритам за оздравување во текот на минатата недела со статус „оздравени“ се стекнале 3.511 лица во хоспитализирани услови или на домашно лекување. Во текот на минатата недела вкупно се пријавени 372 реинфекции, со намалување за 31,5 отсто во однос на претходната седмица.
Пријавени се 44 смртни случаи во 17 градови во текот на изминатата недела, за 35,3 отсто помалку во однос на претходните седум дена. Најголем дел од нив се од Скопје (17). Во однос на возраста, најголем број (n=42; 95,5 отсто) од починатите се над 60 години.
Хоспитализирани се 216 лица (35,9 отсто помалку во споредба со претходна недела), од нив 150 се на кислородна поддршка (41,2 отсто помалку во споредба со претходна недела), а 8 на инвазивна/неинвазивна механичка вентилација (11,1 отсто помалку во споредба со претходна недела).
Заклучно со 05.03.2022, вакцинирани се вкупно 871.082 лица со барем една доза на вакцина против Ковид-19. Комплетно вакцинирани (со две дози) се вкупно 850.803 лица, а со трета доза се вакцинирани 144.391 лица.
Според вчера објавениот извештај на Институтот за јавно здравје, регистрирани се нови 340 случаи со КОВИД-19 од 2557 направени тестови, двајца починати и 526 оздравени пациенти.

Преку Регистарот на умрени лица со дијагноза КОВИД-19 од „Мој термин“ пријавени се уште девет починати.
Вкупниот број на КОВИД-дијагностицирани лица во нашата земја од почетокот на епидемијата достигна 300 106 од направени 1 910 601 тестирања. Оздравени се вкупно 288 761 пациенти, а 9097 починале.