Ин-витро со шест обиди на товар на ФЗОМ и одлука за две недели
Од 10 јули 2025 година, со усвоените законски измени, ин-витро оплодувањето стана достапно со шест обиди финансирани од Фондот за здравствено осигурување на Македонија (ФЗОМ), наместо досегашните три. Ова денеска го соопштија директорите на Фондот, Сашо Клековски и Бранко Аџигогов, нагласувајќи и дека времетраењето на административната постапка се скратува од три месеци на две недели.
Ин-витро е вклучено во основниот пакет здравствени услуги
Фондот информираше дека со овие измени, биомедицинското потпомогнато оплодување станува дел од основниот пакет здравствени услуги, што значи дека трошоците ќе бидат целосно покриени. Дополнително, ќе има и целосно ослободување од партиципација, а постапката е дигитализирана и поедноставена.
„Измените предвидуваат вклучување на биомедицинско потпомогнато оплодување во основниот пакет на здравствени услуги, зголемување на 6 наместо 3 обиди на товар на Фондот и усогласување на ослободувањето од партиципација. Фондот го дигитализираше процесот во оваа фаза кон барателите, вклучувајќи го ваучерот за биомедицинско потпомогнато оплодување, но и поедностави дел од административниот процес“, изјави директорот Сашо Клековски.
Во 2024 година поднесени речиси 1.500 барања – најмногу за прво дете
Од Фондот велат дека во 2024 година имало вкупно 1.495 барања за ин-витро оплодување, од кои:
1.280 за прво дете,
195 за второ,
15 за трето дете,
5 за четврто дете.
Постапките биле извршувани во 8 здравствени установи низ земјава, со тенденција да се зголеми капацитетот и пристапноста.
Следен чекор: замрзнување на јајце-клетки и банка за репродуктивен материјал
Фондот најави и дека следната фаза ќе вклучи финансиска поддршка за криопрезервација, односно замрзнување на јајце-клетки за идна употреба.
Во план е и создавање национална банка за репродуктивен материјал, која ќе биде поставена на Клиниката за гинекологија, и ќе опфаќа јајце-клетки и сперма, со цел унапредување на пристапот до репродуктивни третмани.
Во исто соопштение, Фондот за здравствено осигурување информираше и дека се укинува досегашниот модел со двајца директори, а се враќа моделот со еден генерален директор и заменик-директор.