Папата Франциск, кој почина во понеделникот наутро на 88-годишна возраст, ќе биде погребан денес во Рим. Се очекува неговиот погреб да привлече високи гости од целиот свет, како и десетици илјади верници.

Светот се простува од папата Франциск

Погребната церемонија ќе се одржи на Плоштадот Свети Петар во Рим во 10 часот по локално време. Се очекува на отворената миса, која ќе ја предводи кардинал Џовани Батиста Ре, деканот на колегиумот на кардиналите, да присуствуваат делегации од 170 земји, како и десетици илјади обични луѓе кои сакаат да му оддадат почит, пренесува Гардијан.

Околу 50.000 луѓе присуствуваа на погребот на неговиот претходник, папата Бенедикт, кој исто така се одржа на Плоштадот Свети Петар во јануари 2023.

Во пресрет на погребот, десетици илјади луѓе чекаа ред за да му оддадат почит на папата додека неговото тело лежеше во отворен дрвен ковчег во базиликата Свети Петар. Во првите 24 часа, повеќе од 50.000 луѓе поминаа покрај ковчегот.

Кои странски лидери и членови на кралски семејства ќе присуствуваат?

Доналд Трамп – американскиот претседател чии имиграциски политики ги критикуваше покојниот папа – ќе биде во Рим на погребот, заедно со својата сопруга Меланија.

Се очекува присуство и на генералниот секретар на ОН Антонио Гутереш, францускиот претседател Емануел Макрон, украинскиот претседател Володимир Зеленски, италијанскиот претседател Серџо Матарела и премиерката Џорџа Мелони, кралот Фелипе и кралицата Летиција од Шпанија, претседателот на Ирска Мајкл Хигинс и премиерот Мајкл Мартин, британскиот премиер Кир Стармер и принцот Вилијам.

Ќе присуствуваат и полскиот претседател Анджеј Дуда, претседателот на Португалија Марсело Ребело де Соуза и премиерот Луис Монтенегро.

Од Латинска Америка ќе дојдат бразилскиот претседател Луис Инасио Лула да Силва и аргентинскиот претседател Хавиер Милеј – кој претходно го нарекол папата „комунист“, „имбецил“ и „левичарски копилен“.

Мексиканската претседателка Клаудија Шеинбаум нема да присуствува, но државата ќе ја претставува министерката за внатрешни работи Роса Исела Родригез.

Фердинанд Маркос помладиот, претседателот на Филипините – земја со една од најголемите католички популации – исто така ќе биде присутен во Рим.

Русија ќе ја претставува министерката за култура Олга Љубимова. Претседателот Владимир Путин не патувал во ниту една западна земја од почетокот на инвазијата на Украина пред три години и е предмет на меѓународна потерница од Хашкиот суд за присилна депортација на украински деца.

Од регионот, на погребот ќе присуствуваат претседателот и премиерот на Хрватска – Зоран Милановиќ и Андреј Пленковиќ, претседателот на Црна Гора – Јаков Милатовиќ и претседателот на Србија – Александар Вучиќ.

Меѓу лидерите на опозициони партии кои ќе присуствуваат се Алберто Нуњез Фејоо од шпанската Народна партија и Жордан Бардела од француската екстремно десничарска партија Национален собир. Иако неговата партија има антиимиграциска политика, Бардела неодамна ја пофали папината „трајна грижа за заборавените и за достоинството на најранливите“.

Кои безбедносни мерки се преземени?

Веќе се поставени бариери внатре и надвор од базиликата Свети Петар за контрола на толпата, засилени се безбедносните контроли, а поради топлото време, се делат шишиња вода.

Современи безбедносни технологии се распоредени низ целиот Рим и над главниот град, вклучувајќи анти-дрон оружје, забранети зони за летање над кои патролираат борбени авиони и софистицирана опрема за електронско пречекорување. Присутни се и антитерористички и специјални единици.

Над 2.000 полицајци ќе патролираат околу базиликата до крајот на конклавата која ќе се одржи следниот месец за избор на наследник.

Тие ќе бидат поддржани од 400 сообраќајни полицајци за управување со движењето на дипломатските конвои.

Извор: Трн