Северна Македонија ќе го прифати предлогот на француското претседателство за старт на преговорите со ЕУ доколку во преговарачката рамка не биде преблематизирано прашањето за македонскиот јазик и не бидат вклучени историските прашања и доколку почетокот на преговарачкиот процес не биде врзуван со внесување на Бугарите во Уставот, порачаа вчера вицепремиерот задолжен за европски прашања Бојана Маричиќ и министерот за надворешни работи Бујар Османи.
Во меѓу време, Народното собрание на Бугарија вчера со 170 гласа „за“, 37 „против“ и 21 „воздржани“ го одобри документот познат во јавноста како „француски предлог“ за деблокада на европскиот пат на Северна Македонија. Со одлуката на бугарското Собрание, предложена од лидерот на Демократска Бугарија (ДБ), Христо Иванов, и се дава зелено светло на Владата во оставка на премиерот Кирил Петков „да ги одобри преговарачка рамка и заклучоците предложени од француското претседателство со Советот на ЕУ за решавање на сложените односи меѓу Бугарија и Северна Македонија, ако се исполнети неколку услови“.
– Ефикасно имплементирање на Договорот за добрососедство, гаранција за правата на Бугарите во Република Северна Македонија преку нивното вметнување во Уставот, ништо во пристапниот процес на РСМ да не биде протолкувано како признавање на македонскиот јазик од страна на Бугарија и гаранции од ЕУ дека сето ова ќе биде исполнето, се условите што ги постави Софија со вчера усвоената одлука.
Во реакција на одлуката, бугарскиот премиер во оставка Кирил Петков на својот Твитер профил објави дека Народното собрание на Бугарија „донесе историско решение што дава зелено светло на францускиот предлог за приклучување на Северна Македонија во Европската Унија“. – Интеграциите на Западен Балкан се од стратешки интерес за ЕУ, наведе Петков.
Тој пред новинарите во Брисел, каде учествуваше на Самитот на ЕУ, изјави дека европските лидери заклучиле оти Бугарија со ваквата одлука го направила својот чекор и додаде дека таа е поддржана од француската Влада и Унијата, кои според него, „сфаќаат дека бугарските барања стануваат европски“.
Тој додаде и дека е време Владата на Република Северна Македонија да ја води својата нација. – Во моментов останува на нив да кажат дали сакаат да бидат дел од ЕУ и дали се подготвени да ги преземат чекорите за тоа да стане реалност, заклучи Петков.
Бугарското Министерство за надворешни работи, пак, нагласи дека со одлуката на Собранието им се изразува поддршка на земјите од Западен Балкан во ЕУ.
– Ние не додадовме нови барања до Скопје и сме подготвени да ја одобриме првата меѓувладина конференција веднаш штом нашите пријатели од Северна Македонија ќе го потпишат протоколот, како што разговараа и министрите за надворешни работи, објави бугарското МНР на Твитер.
Одлуката на бугарското Собрание ја поздравија и претседателот и премиерот на Албанија, Илир Мета и Еди Рама.
Мета, кому вчера му беше последен ден на претседателската функција, во реакција на Фејсбук наведе дека „укинувањето на ветото за Северна Македонија е долгоочекувана вест од Бугарија“, што го отвора и патот на Албанија за почеток на преговорите за членство во ЕУ.
Албанскиот премиерот Рама, пак на Твитер, објава дека имал телефонски разговор со лидерот на бугарската опозиција Бојко Борисов и му се заблагодарил за неговата улога „во укинувањето на ветото“. – Вистински пријател, вистински лидер. Неговата партија ГЕРБ и другите го спасија образот на Бугарија и ЕУ! Сега ЕУ мора брзо да дејствува, напиша Рама во објавата на Твитер.
Францускиот претседател Емануел Макрон, чија земја е актуелен претседавач со ЕУ, ја поздрави одлуката на бугарскиот Парламент, најавувајќи дека процесот продолжува.
– Сакам да го поздравам гласањето во бугарскиот Парламент кое отвора пат за укинување на ветото и отворање на преговорите за пристапување на Северна Македонија и со тоа напредок на албанското досие, изјави Макрон на прес-конференцијата во Брисел.
Тој додаде дека по ова гласање во следните денови ќе продолжат размените на мислења со партнерите во Бугарија и Северна Македонија.
– Машината е подготвена за да се одобри тоа што ќе биде одлучено, ова е многу добар сигнал, сакам да му честитам на бугарскиот премиер и опозициските сили кои се здружија околу ова гласање, но и да им се заблагодарам на „Северномакедонците“ за нивниот напредок, рече францускиот претседател, кој додаде дека „има уште работа“.
Уште пред гласањето во бугарското Собрание, француското Министерство за надворешни работи во одговор на прашање на дописникот на МИА наведе дека официјален Париз останува мобилизиран за изнаоѓање решение за почеток на преговорите на Северна Македонија и Албанија со ЕУ.
– Преземаме многу чекори под нашето претседавање со Советот на Европската Унија со цел да го поддржиме изнаоѓањето решение за спорот меѓу двете земји и да ја конкретизираме европската перспектива на Северна Македонија. Остануваме мобилизирани за да постигнеме избалансирано и заемно прифатливо решение и решени сме, во случај на договор, да организираме меѓувладини конференции меѓу Европската Унија и Северна Македонија, како и со Албанија, наведоа од Кej д’Орсеј во одговорот на прашањето на МИА.
Американскиот Стејт департмент, пак, оцени дека веродостојноста на перспективата за проширување на ЕУ е од животна важност за стабилноста и просперитетот на Западен Балкан, додавајќи дека САД продолжуваат да даваат поддршка за почеток на пристапните преговори на Северна Македонија и Албанија со ЕУ што е можно побргу.
Вицепремиерот Маричиќ и министерот Османи вчера веднаш по усвојувањето на одлуката на бугарското Собрание оценија дека не може да ја коментираат затоа што ја немаат видено.
– Прво, треба да видиме што текст има изгласано Република Бугарија и како тоа ќе се одрази на тоа што француското претседателство ќе го достави како конечен предлог, бидејќи верзијата која што беше споделена со земјите членки е работна верзија, која што не е завршена. Така што допрва треба да видиме што точно и која е бугарската позиција, рече Османи.
Шефот на дипломатијата објасни дека она што во јавноста излезе како „француски предлог“, всушност е работната верзија на преговарачката рамка и други заклучоци што се доставени до земји членки и во кои има „загради и прашања“, а не е конечна верзија на предлогот, потенцирајќи дека во секоја конечна предлог верзија на преговарачката рамка нема прашања и формулации во загради. Тој појасни дека во загради како нерешени, односно неусогласени се останати одредени прашања за коишто Северна Македонија и Бугарија не успеале да изградат усогласен став.
– Точки коишто за нас се судбински се: јазикот, историските прашања да не бидат главен критериум за напредување во преговорите и динамиката на уставните промени. Знаете дека има разлика помеѓу бугарскиот став и нашата позиција која што вели дека ние не можеме да имаме уставни промени ако немаме почеток на преговори, потенцира Османи, додавајќи дека сега треба да се види каков пристап ќе има француското претседателство врз основа на нашите позиции што во четвртокот во Брисел ги презентираше премиерот Димитар Ковачевски и Резолуцијата што вчера ја усвои бугарското Собрание.
„Францускиот предлог“, кој всушност претставува нацрт работна, а не конечна верзија, се базира на предложената Преговарачка рамка од страна на Европската комисија за време на португалското претседателство со ЕУ, на која Бугарија имаше три забелешки: во однос на краткото име на нашата земја, македонскиот јазик и вклучувањето на Бугарите во Уставот на државата.
Од овие три забелешки, првата е надмината со нашата унилатерална изјава до ОН за краткото име, што беше прифатено од Бугарија.
Во однос на македонскиот јазик, Софија прво инсистирала во Преговарачката рамка воопшти да нема реченица во која ќе се спомене јазикот по примерот со Црна Гора, потоа да стои терминот „официјалниот јазик на Северна Македонија“, потоа „македонски јазик согласно Уставот на Република Северна Македонија“ или пак на место каде што е наведено македонски јазик со фуснота да биде појаснето дека тоа е согласно нашиот Устав или да биде наведен бугарскиот став по ова мислење. Меѓутоа сите овие предлози на Бугарија се одбиени од наша страна со ставот дека „не преговараме за јазикот“ и тие не се вклучени во предложениот текст, туку во преговарачката рамка децидно е наведено македонски јазик без никакви додавки или објаснувања. Со тоа македонскиот јазик станува е еден од 25-те јазици на ЕУ и како таков е дел од преговарачката рамка.
Оставен е простор во рамки на Записникот од Советот на ЕУ на кој ќе биде усвоена преговарачката рамка да бидат вклучени изјави на Бугарија и на нашата земја во однос на јазикот, но тие нема да бидат дел од текстот на рамката.
Што се однесува до третото барање за вклучување на Бугарите во Уставот на земјава, Софија инсистира прво да се извршат уставните измени, па дури потоа да се свика втората меѓувладина конференција со која официјално би отпочнале преговорите на земјава со ЕУ. Нашиот став по ова барање е процесот за вметнување на Бугарите во Преамбулата на Уставот, како една од заедниците во земјава, да се случи до завршување на преговарачкиот процес, а преговорите официјално да почнат со првата меѓувладина конференција, со образложение дека одлуката за старт на преговорите е донесена уште на 20 март 2020 година, а сега само треба да се формализира нивниот почеток.
Инаку во сите досегашните предлози на Еврокомисијата и во текот на германското и португагалското и словенечкото претседателство, Преспанскиот договор и Договорот за добрососедство биле наведени во основниот документ, во преговарачката рамка, во параграфот 5.
Суштинската интервенција на француското претседателство во предложената Преговарачка рамка, која е направена на барање на Бугарија е вметнување на посебен дел во поглавјето 23 што се однесува на „правата на малцинските и етничките заедници“, како и вклучување на Протоколот од втората македонско-бугарската Меѓувладина конференција, која се уште не е одржана, како посебно поглавје.
Делот за почитување на „правата на малцинските и етничките заедници“, всушност произлегува од Копенхашките критериуми за малцинските права, само што во францускиот предлог тие се поместени во посебен параграф и во нив посебно не се нагласени правата на Бугарите, туку се говори за почитување на правата на сите малцински, а не само на етничките заедници.
Што се однесува до протоколот, Османи информира дека во преговорите меѓу министерствата за надворешни работи на Северна Македонија и Бугарија утврдена е нацрт верзија на тој протокол, но дека засега тој не е целсоно усогласен, бидејќи има отворени прашања за кои мора да се разговара, а кога тоа ќе биде сторено, документот ќе го потпишат шефовите на дипломатиите на двете земји и потоа да го одобрат и двете влади. Протоколот треба да содржи одредби за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство со Бугарија, што вклучува и одлуки усогласени меѓу членовите за заедничката Комисија за историски и образовни прашања. Како што објасни Османи тоа значи утврдување на динамика на спроведување на веќе договорени решенија за имплементација од страна на Комисијата, без притоа на нејзините членови да им се наметнуваат рокови за носење и усогласување на некакви одлуки.
За нашата страна е неприфатливо вака усогласениот протокол за имплементација да стане дел од проговарачката рамка, бидејќи со тоа во преговарачкиот процес би биле вклучени и историските прашања.
Според вицепремиерот Маричиќ, Договорот за пријателство и добрососедство има свои инструменти на функционирање, а дел од него е и историската комисија. – Тоа е билатерално прашање меѓу нас и Бугарија. Тој протокол не може да биде услов во преговорите, ниту да биде спомнат во преговарачката рамка, нагласи Маричиќ.
Шефот на дипломатијата истакна дека негов личен став е дека предложената преговарачка рамка би станала профатлива доколку од неа се исклучи засега неусогалсениот протокол и се промени планот за динамиката за промена на Уставот, односно стартот на преговотите да не се условува со вклучување на Бугарите во Преамбулата.
Османи и Маричиќ објаснија дека ставот што во четвртокот го презентира премиерот Димитар Ковачевски, од претходно му бил пренесен на француското претседателство, но не бил обелоденет затоа што било проценето заедно со нашите партнери и пријатели дека не треба да се даде јавен став за да не влијаеме на процесите во Бугарија пред гласањето доверба на Владата на премиерот Кирил Петков.
– Откако имавме увид дека има споделена работна верзија, ние формално ги комунициравме нашите ставови до француското претседателството. Јавен ставен намерно не зазедовмеме за да не влијаеме на процесот во Република Бугарија. Тоа сметавме дека е наш интерес, но за жал не секој издржа во почитување на нашата државна стратегија што сметавме дека ги зачувува нашите позиции, рече Османи.
Тој посочи дека е свесен оти на овој начин е оставен простор да се изгради еден наратив насочен кон уривање на државната стратегија и обиди за хибридни напади, што може да се третира и согласно Кривичниот законик, но дека тоа е обврска на други институции во државата.
– Луѓе од државата се јавувале кај министри и политички партии и министри, со лажни информации за да се обидат да ја нарушат оваа стратегија, додаде Османи.
Во тој контекст вчера и СДСМ побара одговорност од лидерот на ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицкоски за ширење лаги и невистини за процесот со Бугарија.
– Мицкоски лажеше за наводна асимилација и бугаризација и ги поткопуваше државните позиции во однос на Бугарија. За таквото однесување ВМРО-ДПМНЕ да побара одговорност од Мицкоски, а потоа да престане со деструкциите. ВМРО-ДПМНЕ мора да се промени и наместо за туѓи интереси да почне да работи за интересите на граѓаните и државата, порачаа од СДСМ.
Вицепремиерот Маричиќ, пак вчера во гостување на телевизија Телма, истакна дека постоеја луѓе, поранешни политичари, кои се заинтересирани за овој процес, кои или погрешно ги информираа или намерно креваа тензија кај дел од политичките партии или медиумите.
– Многу поважно за државата е да се даде поддршка во преговорите на Владата која има рамка за ставовите и позициите, отколку да се праќаат патетични СМС пораки на министри за надворешни работи низ Европа во која ќе ги повикуваме да го одбијат предлогот, додаде вицепремиерот за европски прашања.
Тој нагласи дека наша цел останува членство во ЕУ, но секако во исто време и заштита на нашите интереси, во однос на јазикот и идентитетот, и започнување на процес на преговори којшто ќе биде одржлив и пакет којшто ќе можеме да го спроведеме и имплементираме на тој начин што ќе не доведе до членство, а не до нови блокади.
– Ние не можеме ниту да се откажеме од нашиот пат кон ЕУ затоа што тоа е утврдено уште при нашата независност, но исто така не можеме да се откажеме од некои позиции коишто се важни за секоја држава, истакна Маричиќ, дополнувајќи дека во моментот кога земјава ќе добиеме каков било официјален предлог, тој ќе биде доставен на разгледување и до Владата и до коалициските партнери и во некоја форма ќе биде консултирано и Собранието, преку Комисијата за надворешни работи.
Тој посочи дека останува наредните денови да видиме дали француското претседателство ќе има конечен свој предлог.
– Досега имавме работна верзија во која што останаа недефинирани неколку прашања, а тоа е прашањето на протоколот, бидејќи протоколот на некој начин ние симболично го гледаме како парадигма на историските интерпретации. Мислам дека доколку има политичка волја да се разберат нашите сензитивности може да се најде решение и во наредните неколку денови, заклучи Маричиќ.
Или, како што наведе министерот Османи во објава на Фејсбук „два збора стојат помеѓу успехот и неуспехот на Европската Унија во регионот“.
– Зборот „протокол“ во рамката, како парадигма на историските прашања и зборот „отворање“ во параграфот шест од заклучоците на Советот. И двата збора не се во францускиот предлог како финални решенија, туку се ставени (дел од нив и во заграда), како прашања за кои не може да се постигне согласност поради позицијата на Република Бугарија, наведе шефот на дипломатијата во објавата, додавајќи дека доколу Бугарија остане да инистира на овие две прашања тоа „ќе го блокира долгорочно европскиот процес и воедно ќе ги парализира инструментите од договорот за пријателство на долг рок“.
Османи синоќа во интревју за телевизија Алсат потсети дека француското претседателство трае до 30 јуни и во наредните денови, доколку се решат за нов предлог, согласно овие ставови на двете страни кои беа и јавно објавени, ние сме отворени да го процениме.
– Доколку добиеме предлог, ќе бидат консултирани институциите и ќе донесеме решение. Апсолутно нема да се водиме од хибридни напади, од разочарани политичари кои сметаат дека можат да вратат кариера на бранот на јавното расположение. Ние сме избрани да водиме и ќе водиме доколку сме убедени дека тоа е политика која води напред за граѓаните и државата, наведе Османи.
Бугарскиот европратеник, член на Комисијата за надворешни работи и известувач на Европскиот парламент за Северна Македонија, Илхан Ќучук оцени дека Бугарија станува проблематична земја која ги попречува развојните процеси на ЕУ.
– Нашето место не треба да е меѓу попречувачите, туку во развојниот простор – да поставиме агенда, да наметнеме различни гледишта кои ќе ја направат ЕУ многу поефикасна и тоа да биде во бугарски национален интерес. Една од темите што требаше да ги води Бугарија беше поврзана со проширувањето на ЕУ и како Албанија и Северна Македонија треба да бидат дел од неа, изјави Ќучук во интервју за БНР.
Осврнувајќи се на францускиот предлог, Ќучук оцени дека тој е досега најдоброто решение за Софија, додавајќи дека доколку Бугарија усвои заеднички став за предлогот за Cеверна Mакедонија, политичкиот притисок повеќе нема да биде врз неа, туку ќе се бараат други механизми за да се прифати еден или друг предлог.
– Во предлогот има доста добри гаранции за решавање на тешките проблеми од минатото и за отворените стари емотивни прашања, како и за правата на Бугарите – тие своите гаранции ќе ги остварат на европски начин, заклучи Ќучук.
Поранешниот евроамбасадор во државава Ерван Фуере смета дека преговорите за билатерални прашања, како оние поврзани со јазикот, идентитетот и историјата, мора да се водат во паралелен процес, каде би имало балансиран пристап и земајќи ги предвид критериумите за членство на Европската Унија, бидејќи поинаку доколу се вклучат во преговарачката рамка, целосно ќе се загади пристапниот процес и нема гаранции дека во иднина нема да има дополнително вето од Бугарија.
Фуере во вчерашното гостување на ТВ Сител посочи дека бугарските барања „се навреда за македонските граѓани, тие ги напаѓаат срцето и душата на македонската нација и никогаш нема да бидат дел од некое компромисно решение“.
– Јас се надевам дека француските дипломатски напори ќе ја разберат чувствителноста поврзана со прашања кои постојат на Западниот Балкан и ќе направат напор кој во многу поголем дел ќе ги земе предвид грижите на македонската страна, отколку целосно да се посвети во корист на интересот на Бугарија, рече Фуере, додавајќи доколку некој сака да најде компромисно решение, клучно е да ги земе предвид проблемите од интерес на двете земји.
Тој вчера реагираше и на твитот на европскиот комесар за проширување и соседска политика Оливер Вархеји дека „ЕУ ги прифаќа сите бугарски загрижености мошне сериозно“ и дека тие ќе станат дел од преговарачкиот процес на земјава со Унијата.
– Целосно нема логика… Како можете да ги поддржувате „сите бугарски грижи“ и да ги правите дел од преговарачкиот процес, кога некои од тие грижи се против сето она за што се залага ЕУ, додека други се во спротивност со пресудите на европските Судот за човекови права. Комесарот треба да се срами самиот од себе, наведе Фуере во коментар на објавата на Вархеји, додавајќи дека поради неа тој треба да поднесе оставка или да биде принуден да поднесе оставка.