Трајко Славески, претседател на Советот на град Скопје во неговото денешно гостување во „Студио 10“ зборуваше за функционирањето на Советот на Град.
-Се започна како што јас кажав веќе во неколку интервјуа, за мене неочекувана одлука Данела Арсовска да се лиши од мнозинството кое и обезбедуваше комоција за гласање за најголем број предлози што доаѓаа од кабинетот на градоначалник. Перфектно функциониравме, се додека не дојдовме до ситуација кога најверојатно заради одредени нервози кај градоначалникот Арсовска, се гледа дека таа не може да испорача она кое го има добиено како налог од налогодавателите, рече Славески.
Славески во текот на своето гостување посочи дека веќе втор месец нема никаква информација за она што Арсовска обвинуваше дека имало „рачиња во медот“.
-Втор месец нема никаква информација за она што обвинуваше дека имало рачиња во мед и така натаму. Јас имам информација дека дала некоја небулозна изјава без никакви докази, а обвинува луѓе без основа. Ова изјава ја дала во органите кои беа повикани и бевме информирани дека започнала истрага за јавното претпријатие „Водовод и канализација“, кажа Славески.
Славески потенцираше дека градоначалничката Арсовска е нервозна затоа што предлозите кои ги дава таа не и поминуваат на Совет.
-Внимавајте не е лесно да се биде градоначалник без никаква поддршка во Совет на Град Скопје, коа сте се лишеле од таа поддршка. Во неколку гласања за предлози од градоначалникот Арсовска кој не беа прифатливи за мнозинството предводено од ВМРО-ДПМНЕ добиваа само по еден глас, значи одлуките не поминуваа. Сето тоа создава нервоза да дојдеме во ситуација да му се ускратува неовластено на претседателот на Совет можноста да воспоставува ред во салата да ги води седниците, да дава збор, понекогаш ако некој советник не се придружува на точката и она најдрастичното она што ретко се случува во минатото, да се одземе збор. Јас сум во ситуација кога е ограничена дискусијата на секој советник, ограничено е времето за реплика, ограничено е времето за контра реплика и така натаму, додаде Славески.