Македонија е во групата земји со умерена пренатрупаност во затворите
Пренатрупаноста на затворите останува сериозен проблем во Европа. Советот на Европа објави дека 17 земји имаат затвореници над капацитетите. Македонија е во групата со „умерена пренатрупаност“. Во државата има 101 затвореник на 100 расположливи места.
Извештајот „Годишна казнена статистика“ на Советот на Европа покажува раст на затворската пренатрупаност. Во Европа, бројот на затвореници на 100 места пораснал од 93,5 на 94,9 во последната година.
Покрај Македонија, во групата со умерена пренатрупаност се и Хрватска (110), Ирска и Шведска (105), Унгарија (104), Азербејџан и Финска (103) и Турција (102).
Сериозна пренатрупаност имаат шест држави, а најмногу Словенија – со 134 затвореници на 100 места. Потоа следуваат Кипар (132), Франција (124), Италија (118), Романија (116) и Белгија (113).
Во Србија, Шкотска, Англија и Велс има по 98 до 100 затвореници на 100 места. Тоа е блиску до границата на пренатрупаност.
На 31 јануари 2024, во Европа имало над милион затвореници. Македонија е 15-та по број затвореници на 100.000 жители – со стапка од 143. Турција е прва со 356, пред Азербејџан (264) и Грузија (261).
Во периодот од 2023 до 2024 година, Европа бележи мал пад на просечната стапка на затвореници – од 116,2 на 115,1 на 100.000 жители. Македонија бележи мал раст од 0,2 проценти.
Најголем раст има Словенија со 25,4 проценти. Следуваат Шведска (15,5), Малта (11,1), Србија (9,4), Хрватска и Азербејџан (8,3), Италија (7,8), Албанија (7,5) и Северна Ирска (6,9).
Во Македонија, 12 проценти од затворениците се во притвор. Тоа е под европскиот просек од над 25 проценти. Во Албанија, 58 проценти од затворениците се во притвор.
Странци сочинуваат 7,1 процент од затворените во Македонија. Тоа е под европскиот просек. Највисок процент има Луксембург (75), пред Швајцарија (72), Кипар (58) и Грција (54).
Просечната возраст на европските затвореници е 37 години. Најстара затворска популација има Грузија – 44 години, а најмлада Литванија – 32 години.
Жените сочинуваат 3,8 проценти од затворениците во Македонија. Тоа е под европскиот просек од 4,9 проценти. Највисок процент има Чешка со 8,8, а најнизок Албанија со 1,4.
Најмногу затвореници се осудени за насилни дела – 33,6 проценти. Потоа следат за дрога (16,7), кражби (12,3), сообраќајни (2,9) и финансиски криминал.