Владата ја докажа својата цврста заложба да обезбеди сигурност и континуитет во создавањето услови за подобар живот, како и европска и просперитетна иднина за нашите граѓани, за што е потребно ефикасно, чесно и одговорно владеење, порача премиерот Димитар Ковачевски на форумот „100 дена од мандатот на новата Влада на Република Северна Македонија”, што се одржа вчера во Националната опера и балет.

Во однос на перспективите на евроинтеграцијата на земјава и јасните пораки од страна на САД и Франција дека стабилноста на Западен Балкан зависи од овој процес, премиерот Ковачевски посочи дека од големо значење е тоа што постои огромна поддршка на европските интеграции внатре во нашата државата поради тоа што нашиот народ знае дека ЕУ е унија во која се негуваат основните демократски вредности: слобода на изразување, право на критичко мислење и изразување и социјална правда.

– Ние 30 години и како институции и како граѓани имаме вложувано многу за исполнување на критериумите за членство во ЕУ. Потврда за тоа се и четирите позитивни извештаи од Европската Комисија. Имаме и значајна поддршка од држави како Франција, Германија, САД но на патот кон членството во ЕУ, за жал, имаме предизвик со ветото кое го стави минатата влада на Република Бугарија, истакна Ковачевски.

Тој посочи дека во правец на континуирано негување добрососедски односи земјава отвори дијалог со бугарската Влада во кој беа вклучени сите министерства како дел од работни групи преку кои се фокусиравме на теми свртени кон иднината.

– Успехот во овој процес може да се очекува врз основа на дијалог кој ќе се темели врз европски вредности но и врз принципите на почит и принципот на достоинство кои двете страни мора да ги чуваат, негуваат. Мора да се сочува достоинството на граѓаните на двете држави. Така дијалогот ќе вроди со резултат за градење идни одлични односи меѓу соседи и земји членки на ЕУ. Честопати оваа дискусија е преземена од националисти и популисти и тоа не е добро. Ние, како европски влади имаме обврска да наметнеме позитивен наратив, насочен кон иднината кој ќе ни овозможи отпочнување на преговори за членство во ЕУ, истакна Ковачевски.

Тој се осврна на приоритетите на Владата за инвестициите во нови капацитети за производство на чиста зелена електрична енергија.

– Ова е прашање кое ја преокупира не само нашата Влада, туку е клучна тема и на ниво на ЕУ и на земјите кои претендираат да станат членки на ЕУ. Оваа криза која започна како енергетска криза минатата година, која што продолжи како уште повеќе засилена енергетска криза заради воената инвазија на Русија врз Украина, покрај тоа што ги зголеми цените на електричната енергија и ги исправи државите да мора да спроведат мерки кои нема дозволат ценовен шок за граѓаните, предизвика уште една многу важна тема, а тоа е енергетска транзиција и диверзификација на изворите на снабдување со енергенси, истакна Ковачевски, додавајќи дека на овој план државата ја спроведува Стратегијата за транзиција на енергетскиот сектор, којашто во основа значи транзиција кон обновливи извори на енергија.

Премиерот говореше и за долгорочната стратегија на Владата за надминување на економско-социјалната и здравствена криза, предизвикана од пандемијата и војната во Украина, оценувајќи дека преземените мерки овозможуваат навремено снабдување со потребните основни суровини за производство на храна, со ѓубриво за сеидба и прихрана, семенски материјали и „зелена нафта“.

– За да го зајакнеме домашното земјоделство со пакет мерки изготвивме Интервентен план за производство на храна, којшто е насочен кон стратешките култури, а тоа се пченка, пченица, сончоглед, јачмен. Дополнително, тој е насочен кон извозните култури, доминантно од овоштарството и поледелството ѝ е насочен кон зголемувањето на субвенциите во сточарството, особено во производството на млеко, со оглед на тоа дека ако ги погледнеме производствените капацитети на државата не може нашето производство на суровина да задоволи ниту 50 отсто од капацитетите што можат да произведат, рече Ковачевски задржувајќи се на воведените нови зголемени субвенции, со новата програма во делот на стратешките култури, во делот на овоштарството, сточарството и поледелството.

Тој посочи дека целта е со оваа поддршка да се справиме со светската економска криза, која претставува една од најголемите по Втората светска војна, предизвикана од агресијата на Русија врз Украина, но и да станеме увозно независни со достапна и поевтина храна.

Премиерот додаде дека владините мерки се преземаат со цел да се надмине кризата, која предизвика најголемо покачување на реагенсите, на цената на храната, на суровините за производство на храна особено на вештачките ѓубрива, како и на суровините на другите индустрии особено преработувачката индустрија.

– Ние како држава имавме сосема погрешен концепт на субвенционирање, којшто беше воведен доминантно заради финансирање покрај на земјоделството и финансирање на други политички цели. Ако ги погледнеме бројките на инвестирани 8-9 милијарди денари на годишно ниво и повеќе, ние имаме секоја година помало производство на храна, поголем увоз на храна и драматично помало производство на стратешки прехранбени производи, истакна Ковачевски кој додаде дека постои нарушување на страната на понудата и затоа се наоѓаме во економска криза, којашто предизвикува инфлација, која според бројките е идентична во сите земји.

Првиот вицепремиер и министер за политички систем и односи меѓу заедниците Артан Груби во обраќањето на Форумот истакна дека во овој отчетен период лајтмотив за Владата беше стабилноста која се остварува со партнерство со НАТО, ЕУ и САД, потенцирајќи дека таа стабилност ја опфаќа и грижата за заедничкиот живот на сите етнички заедници во земјата и социјалниот мир.

Според него, со оваа Влада раководи прогресивна коалиција, која одговара на потребите на граѓаните и тоа не е владина коалиција раководена од една партија, што смета дека руската агресија во Украина е легитимна и правилна.

– ДУИ, како учесник во оваа коалиција смета дека предвремени парламентарни избори може да се одржат во април 2024 година, заедно со претседателските избори, додаде Груби.

Вицепремиерката задолжена за политики за добро владеење Славица Грковска во обраќањето се осврна на доброто владеење, транспарентноста и отчетноста и истакна дека тие остануваат патоказ во сите сфери на работењето како приоритет на Владата.

– Креирање и имплементирање на политики за добро владеење мора да бидат императив, ако сакаме да обезбедиме професионалност, ефикасност и транспарентност во функционирањето и целокупен општествен напредок, нагласи Грковска, потенцирајќи дека во првите 100 дена е унапредена транспарентноста во сите области, особено на трошењето на буџетските средства, бидејќи медиумите, граѓаните и невладиниот сектор мора да имаат брзи и лесно пристапни информации за тоа како се спроведуваат јавните набавки.

Вицепремиерот задолжен за економски прашања, координација на економските ресори и инвестиции Фатмир Битиќи на Форумот говореше за покачувањето на минималната плата како историски важен чекор кој влијаеше и на растот на останатите плати.

– Само преку дијалог можеме да дојдеме до одржливи решенија. Заврши времето на договарања во четири очи. Во првите два месеци преку разговор, постигнавме покачување на минималната плата и нова методологија за пресметување на пензиите, истакна Битиќи.

За активностите поврзани со имплементација на капитални проекти од стратешко значење за државата, Битиќи потсети дека е креирана Единица за следење на капитални инфраструктурни проекти, бидејќи развој е можен само со системски решенија.

Вицепремиерот за европски прашања Бојан Маричиќ, пак, се осврна на повеќе прашања со фокус на проширувањето на ЕУ со Западен Балкан и за напредокот во преговорите со Бугарија.

– Очекуваме Европската Унија да почне да зборува за иднината на проширувањето со конкретни чекори, што сигурно ќе даде нов тон на преговорите со Бугарија. Дијалогот останува на високо ниво и покрај неодамнешните случувања кои разбудија различни чувства кај нашите граѓани, кои несомнено имаат намера да ги стават на испит односите на двете земји и народи и да го отежнат процесот на преговори, истакна Маричиќ.

Тој се осврна и на подготвеноста на државата за процесите на евроинтеграција кои ќе ни овозможат побрзо отворање и затворање на поглавјата за преговори, потенцирајќи дека Северна Македонија има најголема подготвеност во регионот во областите и поглавјата од Кластерот 1 – Темели.

Инаку, на Форумот воведно обраќање имаше Ковачевски, по што следеше панел сесија со премиерот, вицепремиерите и министрите, кои ги презентираа постигнувањата на Владата во надворешната политика, владеењето на правото и реформите, економијата, како и стандардите на живеење и животната средина во текот на 100 дена од нејзиното работење.

На Форумот присуствуваа претставници на дипломатскиот кор, стопанските комори, граѓански организации, институции, медиуми.