Доналд Трамп не отстапува од својот царински план
Нови царини на повидок? И покрај деновите на колапс на берзите, американскиот претседател Доналд Трамп не отстапува од својот царински план, кој сè повеќе ја загрозува глобалната економија. За Белата куќа, отвореноста за дијалог постои, но само под услов тој да доведе до „фер договор“, при што Трамп повторно ја потенцира својата мантра – „Америка на прво место“.
На понудата од Европската Унија за взаемно укинување на царините за автомобили и индустриски стоки, Трамп одговори дека тоа не е доволно.
„Мора да биде фер и реципрочно. Имаме дефицит со ЕУ од 350 милијарди долари и тој мора брзо да исчезне. Еден од начините е тие да купуваат наша енергија – им е потребна,“ изјави американскиот претседател.
Брисел: Подготвени сме за договор
Од Брисел возвратија дека се подготвени за договор. Но истовремено најавија дека ќе ги искористат сите расположливи инструменти, вклучувајќи и одмазднички мерки, доколку САД продолжат со агресивната тарифна политика.
Британија, од друга страна, со новиот премиер Кир Стармер, настапува со повик за прагматичност.
„Се наоѓаме во нов свет каде старите претпоставки веќе не важат. Ќе останеме смирени и ќе се бориме за најдобриот договор, но само ако тој е во наш национален интерес,“ порача Стармер.
Пекинг возврати со контра мерки
Пекинг, пак, одговори со остар тон на вакците, нови царини на Трамп. Ова следува на најавените дополнителни 50% царини ако Кина не се повлече од своите контрамерки.
„Кина нема да отстапи и ќе се бори до крај за заштита на своите интереси. Американските постапки се погрешни и бараме итна корекција. Решението мора да биде преку рамноправен дијалог заснован на меѓусебно почитување,“ објави кинеската државна телевизија.
Ако Трамп ги спроведе сите најавени мерки, вкупната тарифа за кинески стоки би достигнала рекордни 104%, што би претставувало преседан во модерната трговска историја.
Иако пазарите се во паника, а економистите и бизнис-заедницата апелираат за повлекување. Трамп не покажува никакви знаци на промена на курсот. Светот влегува во нова ера на трговски конфликти, каде геополитиката ја диктира економијата – и тоа со скапа цена.