Закани по живот
Вицепремиерот за добро владеење и транспарентност Арбен Фетаи објави дека добил закани по животот преку службената електронска пошта, веднаш по неговата јавна изјава за отстранување на дефиницијата „20 проценти“ за албанскиот јазик од Уставот. Заканата била испратена по неговата посета во Брисел, од каде тој се огласи преку својот Фејсбук профил.
„Денес, од европската престолнина Брисел, се чувствувам принуден да одговорам на заканата по мојот живот што ја добив во мојата официјална електронска пошта,“ напиша Фетаи на Фејсбук.
Содржина на заканата: Навредливи и екстремистички пораки
Фетаи ја сподели содржината на заканувачкиот мејл, кој е насловен со зборовите: „куршум во глава за тебе шипо Фетаи“. Во пораката се изнесени закани со навредлива содржина и екстремистички изјави:
„Нема да се сменат 20-те проценти, туку се шиптарско ќе ве убиеме со куршуми во глава. Да цркнете, мртов шиптар, добар шиптар, смрт за шиптари.“
Повикување на надлежните органи и мерки за лична заштита
Во врска со оваа закана, Фетаи информира дека го известил министерот за внатрешни работи, Панче Тошовски, и побарал зголемени мерки за лична безбедност. Дополнително, најави и поднесување на тужба за да се постапи согласно важечките закони против екстремистите.
„Заканите и екстремистите треба да го добијат одговорот што го заслужуваат: затворска казна според важечките закони,“ посочува Фетаи.
Овој настан предизвика загриженост за личната безбедност на вицепремиерот, како и за јавниот дискурс околу прашањето за измена на Уставот.
Оналјан говор на омраза и сериозни закани
Во Република Северна Македонија, онлајн говорот на омраза е регулиран преку повеќе законски акти, кои предвидуваат санкции за ваквите дејствија.
Кривичен законик: Член 319 од Кривичниот законик го санкционира предизвикувањето на национална, расна или верска омраза, раздор и нетрпеливост, вклучително и преку интернет. За вакви дела се предвидени казни затвор од една до пет години.
Закон за спречување и заштита од дискриминација: Овој закон предвидува мерки за заштита од дискриминација, вклучувајќи и говор на омраза. Комисијата за спречување и заштита од дискриминација има овластување да постапува по пријави и да изрекува соодветни мерки.
Закана по живот или тело: Според член 144 од Кривичниот законик, оној што ќе се закани дека ќе нападне врз животот или телото на друго лице, и со тоа ќе предизвика вознемиреност или страв, се казнува со парична казна или затвор до шест месеци. Ако заканата е изречена преку информатички систем, казната е затвор од една до пет години.
Закана кон службено лице: Доколку заканата е упатена кон службено лице при вршење на службени дејности, сторителот се казнува со затвор од три месеци до три години.