Додека фокусот на јавноста е болната инфлација и намалениот животен стандард, Владата тивко ама сигурно не носи во пропаст со силното темпо на задолжување како на меѓународен, така и на домашен пазар. Јавниот долг на крајот од јуни 2023 година (последен објавен податок) достигна 8,3 милијарди евра, додека само државниот долг дојде до нивото од 7,3 милијарди евра.
ПИШУВА МАЈА КАДИЕВСКА ВОЈНОВИЌ
Но, она што е сигурно, државниот долг забрзано расте и тоа на домашниот пазар на државни хартии од вредност (ДХВ). А само за потсетување, Владата годинава веќе издаде четиригодишна еврообврзица од 500 милиони евра со купонска камата од 6,96% за отплата на еврообврзницата издадена во 2016 година во износ од 450 милиони евра со купонска камата од 5,62%. Рефинансирањето беше поскапо и ќе биде скапо.
Во наредните години, односно од 2025-2028 година достасува за исплата пазарен надворешен долг од вкупно 2,4 милијарди евра, износ на издадените еврообврзници на оваа Влада. Ова значи или скапо рефинансирање, во услови кога каматните стапки растат и ќе бидат најверојатно на високо ниво одреден период, или силна фискална консолидација, која значи резови во Буџетот на трошењата и собирање на повеќе приходи. Владата не се одлучи за резови во своите трошења, напротив си троши нерационално и коруптивно, ама затоа се реши да го зголеми ДДВ на 1.600 призводи и да воведе данок на солидарност за успешните фирми. Никако да се реши да ги гони неплаќачите на даноци, неплаќачите на сметки за струја итн, но се реши да ги амнестира сите кои го уништија државниот Буџет.
И така, само за девет месеци од 2023 година Владата собра вкупно 420 милиони евра од домашниот пазар на државни хартии од вредност, со што домашниот пазарен долг на крајот на септември достигна фантастични 2,9 милијарди евра. „Инвентивно“ издаде граѓанска обврзница, па зелена обврзница, па пак ќе издава сега граѓанска обврзница, а физичките лица и вака и така можеа до сега да инвестираат на редовните аукции на ДХВ. Но, за парите што ги собра ни збор. За кои „зелени“ проекти се парите од зелената обврзница? За кои мерки се парите од граѓанската обврзница? Нели се во функција на развојните проекти на државата? Кои развојни проекти? Зошто тогаш не се издаде развојна обврзница?
Ова силно темпо на задолжување т.е растот на домашниот долг од 420 милиони евра за само девет месеци е историски највисок, дури повисок и од растот во цела 2020 година за време на ковид кризата. Државата од почетокот на година се задолжува главно преку денарски ДХВ, имајќи предвид дека интересот е поголем заради повисоките каматни стапки од оние со девизна клаузула. Рочноста на новите запишани ДХВ е во полза на долгорочните, но загрижува растот на трезорски записи од 114 милион евра (12 месечни ДХВ) и на двегодишните обврзници од 148 милион евра. Ова значи дека вкупно 264 милион евра ќе достасаат за две години. Каматната стапка на 12 месечните трезорски записи изнесува 4,25%, а на двегодишните обврзници 5,25% и 5,0%. За споредба, на 15 годишните државни обврзници изнесува 6,15%. Власта со ова си купува скапи пари за време на последниот нивен мандат.
И кој купува државни хартии од вредност? Нормално е да се инвестира при вакви високи каматни стапки. Приватните пензиски фондови во последните неколку години се најзначаен инвеститор, што во дел заради регулаторни барања, што во дел заради усогласување на билансната структура. Потоа се домашните банки, кои имаат регулаторни барања да држат одреден дел од средствата во ликвидна актива (ДХВ го имаат тој третман) и заради тековните вишоци на ликвидност. Осигурителниот сектор исто инвестира, а физичките лица за прв пат по долги години пласираа околу 28 милион евра, и тоа 10 мил. евра во граѓанската обврзница и остатокот во други ДХВ.
Насоченоста на домашниот пазар на ДХВ одамна е стратегија. Но, ваквото темпо на задолжување на домашниот пазар покажува дека Владата нема друг пристап до средства и дека троши интензивно. Толку фалените „успешни“ политики на оваа Влада не ја ослободија втората исплата од заемот за ликвидност и претпазливост на ММФ од 155 милион евра. Средствата беа по значајно пониска каматна стапка од тековните каматни стапки кои ги нуди државата. Зошто ММФ се повлече, останува да видиме. Но, едно е сигурно. Оваа Влада ја наруши фискалната одржливост, ги уништи јавните финансии и го набилда долгот како никогаш до сега. Кризите не се изговор. Истите, оваа Влада неспособно ги изменаџира, ама затоа во аманет на сите нас ни остава висок и неодржлив јавен долг.
Колумна на Маја Кадиевска Војновиќ, член на ИК на ВМРО-ДПМНЕ за порталот Пари.мк.