Регионални центри за управување со отпад – приоритет на Владата
Во подкастот „ВМРО-ДПМНЕ Зборува – Унија на жени“, гостуваше заменик-министерката за животна средина и просторно планирање, Ане Лашкоска. Таа говореше за предизвиците со кои се соочувала како жена-пратеник, но и за работата на Министерството за животна средина. Особен акцент стави на проектите кои се реализираат во насока на подобрување на еколошките услови во државата, односно намалување на загадувањето на водухот и регулирање на отпадот
– Би сакала да споменам неколку проекти кои се исклучително значајни за нас како држава и за нашите граѓани. Она што го имаме зацртано како цел, како Влада, е дефинитивно решавање на проблемот со отпадот. Конечно формирање на регионални центри за управување со отпад, за да можеме системски да се справиме со овој проблем. Такви центри ќе има неколку низ Македонија, распределени по региони – истакна Лашкоска.
Таа објасни дека проектот во Источниот и Североисточниот регион е во напредна фаза и се спроведува заедно со Европската Унија како партнер. Во останатите региони, ваквите центри ќе се финансираат со државни средства. Лашкоска нагласи дека со овие чекори се постигнува значителен напредок во областа на животната средина и дека проектите ќе бидат пример за Балканот.
Континуирани напори за намалување на загадувањето на воздухот
Заменик-министерката истакна дека решавањето на проблемите со загадувањето е процес што бара долгорочни мерки.
– Резултатот можеби веднаш не се гледа, но можам да кажам дека многу посветено и секојдневно работиме на ова прашање. Овој проблем не може да се реши за кратко време. Ние донесовме Акциски план и постојано апелираме за негова примена. Ако мерките не се почитуваат, нема да постигнеме успех. Затоа мора да се зголеми свеста кај секој од нас – посочи Лашкоска.
Министерството за животна средина формирало работна група која вклучува претставници од други релевантни институции. Во овој процес, според Лашкоска, значајна улога имаат локалните самоуправи, кои се вклучени преку Заедницата на единици на локална самоуправа (ЗЕЛС).
– Министерството за внатрешни работи активно работи на контрола на возилата, проверка на нивните еколошки стандарди и условите што мора да ги исполнат станиците за технички преглед – додаде таа, осврнувајќи се на проблемот со загадувањето на воздухот.
Инспекциски контроли и проверка на индустриските капацитети
Според Лашкоска, значајна улога во справувањето со загадувањето има и градежната инспекција.
– Таа мора да излегува на терен, не само на централно, туку и на локално ниво, за да провери дали градежниците работат според пропишаните мерки во краткорочниот план. Дополнително, на терен е и централната инспекција која врши редовни проверки на инсталациите за греење во малите и средните фирми. Важно е да знаеме со каков материјал тие се греат – објасни Лашкоска.
Долгорочен план за чист воздух 2024-2030
Лашкоска информираше дека Владата има стратегија за намалување на загадувањето на воздухот во периодот од 2024 до 2030 година.
– За намалување на загадувањето мора да имаме долгорочен план што ќе се реализира во наредните години. Еден од проектите што ги најави претседателот на Владата е изградба на когенеративни гасни централи. Во моментов се преговара со инвеститори – истакна таа.
Дополнително, Лашкоска информираше дека од 2025 година ќе започне проект за обезбедување квалитетно огревно дрво за граѓаните.
– Со директорот на ЈП „Национални шуми“ разговаравме за планот кој предвидува граѓаните да добиваат поквалитетно огревно дрво. Исто така, во институциите ќе ги замениме старите топлински пумпи, а ќе се воведат и субвенции за топлински пумпи за домаќинствата и семејствата – прецизираше Лашкоска.
Таа нагласи дека Владата останува посветена на имплементација на сите мерки со цел долгорочно подобрување на квалитетот на животната средина во Македонија.
Извор: Курир