Во гасењето на пожарот што се случи во поранешниот тутунски комбинат во Тетово, сегашна фабрика за производство на минерални материи биле ангажирани вкупно 216 лица, два хеликоптери, еден армиски и еден полициски, 22 цистерни, 21 машина, како и осум виљушкари, информираше на денешната прес-конференција Стојанче Ангелов, директор на Центарот за управување со кризи (ЦУК).

Тој информира дека како последица на вдишувањето на чадот вчера 22 пожарникари од тетовската противпожарна бригада побарале лекарска помош, но денеска веќе се добро.

– Во гаснењето на пожарот во Тетово сите заедно спречивме голема катастрофа. Можеби опремата што ја користевме е недоволна и стара, но сите заедно учествувме во гасењето на пожарот, изјави Ангелов.

Во кругот на фабриката неколку стотини метри од пожарот односно од местото каде што е стопиран пожарот, посочи тој, имало три големи цистерни со по шест тони метан, а во самата фабрика садови со метилен. Според Ангелов, експлозијата што можело да се случи, можела да го загрози животот на сите лица кои биле во фабриката и учествувале во гасењето на пожарот, но и на сите граѓаните кои се наоѓале во околината.

– Од информациите што неофицијално ги имам, фабриката ги има сите потребни дозволи. Противпожарната заштита ја контролира ДЗС. Ваквиот пример покажа колку може да биде опасно, без разлика на почитување на сите стандарди, постоење на вакви големи садови – цистерни со запалива и експлозивна материја во непосредна близина на градот односно на градот, потенцира директорот на ЦУК.

Проблем ќе настане летово, смета Ангелов, доколку дојде до големи шумски пожари и посочи дека другите европски држави ова прашање го решаваат со доброволни противпожарни друштва. ЦУК во соработка со надлежните институции се обидува да го развие овој концепт, бидејќи, како што рече, нема ниту можност, ниту потреба, да плаќа пожарникари кои би имале работа само во текот на летото.

За пожарникарите од ТППЕ Тетово, според директорот на ЦУК, потребни се нови лични заштитни опреми, плус 20 пожарникари, а имаат потреба од најмалку уште две нови навални возила, хемиско возило, автомеханики скали, пумпи уште најмалку 10, хидраулична платформа, противпожарни возила за гасење шумски пожари, возила за технички интервенции, теренски возила, командни возила…. Во Противпожарната бригада во Скопје, истакна директоро на ЦУК, се потребни поголем број пожарникари, но курсот на оваа Влада е да работи на системски начин во отстранување на слабостите, при што е набавена доста опрема и вработени пожарникари.

Ангелов информира дека во гасењето на пожарот во Тетово се ангажирани Територијалната противпожарна единица од Тетово која употребила осум противпожарни и две технички возила, како и 60 пожарникари. Фирмата „Голекс транс“ помогнала со пет миксери и две пумпи за вода со голем домет, фирмата „Микре Бајта“ од општина Желино помогнала со една цистерна од осум тони и со пет врфаботени лица, ЈК од Тетово со цистерна со шест вработени, приватната фирма „Стримница“ со една цистерна, три тешки градежни машини и 10 лица, додека фирмата каде што и се случи пожарот ангажирала 40 вработени и осум виљушкари, а „Булат транс“ од Тетово со четири градежни машини и осум лица.

Од другите општини ТПЕ од Куманово со две возила и шест пожарникари, дополнително и со една цистерна со две лица од ЈК претпријатие Водовод – Куманово. Бригадата за Противпожарна заштита од Скопје со три возила и девет пожарникари, од Кавадарци три возила и седум пожарникари, од ТПП – Гостивар две возила и осум пожарникари, од Кичево едно возило и тројца пожарникари.

Употребени се и еден хеликоптер на МВР, специјализиран со опрема за гаснење пожари со ведро од околу 1000 литри вода, еден армиски хеликоптер со ведро од околу два тона. Добиена е и помош од ТАВ – Македонија со цистерна со полнење со пена. Рафинеријата – Скопје помогнала со специјализирана цистерна со пумпа со голем капацитет од осум тони за 45 секунди, ДЗП помогнала со пет вработени од Тетово и пет од Гостивар со пумпи, четири специјализирани цистерни со можност за прскање со пена за хемиско гаснење од скопската ПП Бригадса наполнети со раствор за хемиско гаснење на ваков вид пожар. Помогнала и единица на Армијата со 36 војници, а 80 биле во приправност, како и тимот за атомско – биолошка – хемиска одбрана, кој извршил мерење на загаденоста на воздухот.

Овој тим, како што нагласи Ангелов, влегол внатре во пожарот и го мерел чадот, со што е утврдено дека нема отровни гасови. Штетни гасови, има, потенцира Ангелов, но не и отровни гасови.