Свежо цвеќе положија и пред споменикот се поклонија претседателот Стево Пендаровски, делегација на Владата предводена од министерката за одбрана Радмила Шекеринска, началникот на генералштабот на Армијата, од локалната смаоуправа, членови на семејствата на загинатите, од здруженијата „Карпалак“ и „Прилепски бранители“, делегации на институции, на граѓани. Свежо цвеќе положи и претседателот на опозициската ВМРО-ДПМНЕ, Христијан Мицковски.

Според министерката за одбрана Шеќеринска, трагичниот настан кај Карпалак остави длабоки траги, не само во нашата меморија, туку и во нашите одлуки, па и во нашето однесување. Пред 20 години Прилеп, но и целата држава ги загубија своите сограѓани: Сашо, Нане, Бранко, Марко, Ердован, Љубе Дарко, Веби, Горан и Пецо. Тоа беа луѓето, заедно со многу други, кои, во моментот кога требаше, покажаа дека се подготвени, навистина да дадат сѐ.

– Го дадоа својот живот за својата држава, и тоа, никој од нас ниту смее, ниту смее, ниту може да го заборави. Изгубивме 10 наши сограѓани кои со својата саможртва покажаа како се станува херој. хероите, велат, дека никогаш не умираат. Но за тие да не умрат, наш е долгот да продолжиме за нив да говориме, да продолжиме на нив да се сеќаваме, и да продолжиме да ги носиме клучните одлуки, имајќи ја наум нивната жртва, нивното страдање и загубата на нивните семејства. Овие храбри и пожртвувани 10-мина, не калкулираа. Не рекоа дека сега не е вистински момент за жртви. тие беа подготвени, во најтешките моменти да ја платат највисоката цена. Тоа го направија во моменти кои беа најтешки за нашата татковина. Тоа беа моменти кога државата, буквално, ни беше на чекор до бездна. Буквално, на средина на крстосницата помеѓу мир и војна, рече Шекеринска.

За Шекеринска е и оддавање почит и во ова време кога стотици пипадници на Армијата помагаат да се заштитат животите и материјалните добра во битката со пожарите.

-И во моментите кога се се сеќаваме на нивната жртва, на нивната храброст, треба да кажеме дека секоја генерација, секоја година, секоја криза, го покажува истото. Тоа е дека има луѓе, има институции, има држава зад која може да се заштитиме, со која може да се одбраниме. Буквално, во секоја криза и речиси секоја година, се покажува дека мирот и безбедноста на татковината и на нејзините граѓани се најосновното, најважното што ги води илјадниците наши војници, без разлика дали се во редовниот или во резервниот состав, нагласи Шеќеринска.

Додавајќи дека пред две децении видовме колку е голема трагедијата која зафати и завеа во црно многу семејства, Шекеринска рече дека сето тоа донесе многу болка, но и не потсети дека мирот, безбедноста и стабилноста треба во секој момент да ни бидат прв приоритет.

-Треба секогаш да останеме мудри во одлуките и да ги носиме не само вистинските одлуки за денес, туку и за годините кои доаѓаат за ниту едно семејство никогаш повеќе не загуби ниту еден член. Наша должност е да гледаме напред и честопати зборуваме за иднината и за одлуките кои теба да ги носиме. Но, за да имате доблест да гледате во иднината, мора да ги цените, да ги одбележувате и да се сеќавате на жртвите направени во минатото. Затоа сме тука денеска, во Прилеп, да се сетиме на 10-те загинати бранители, да го почитуваме нивното дело, да ја цениме, и денеска нивната храброст и за да покажеме достојна почит кон сите семејства кои ги загубија своите најмили, рече министерката за одбрана Шеќеринска при денешното одбележување на 20-годишнината од загинувањето на 10-те прилепски бранители.

За прилепскиот градоначалник Илија Јованоски поклонувањето пред саможртвата на прилепчани е со задача за сите нас да не дозволиме никогаш повеќе да се повтори злото од 2001 година.

-Да не дозволиме сеништата од минатото да ја уништат перспективата на младите и нивниот сон за живот во демократска и просперитетна држава. Да одбереме светло, наместо мрак и заедно да застанеме на страната на иднината. Факт е дека како народ, одново и одново сме исправени пред нови искушенија и нови битки. Ниедна од нив не смее да не поколеба во намерата да ги оствариме двете стратешки цели кои ги зацртавме пред 30 години, кога избравме да живееме во независна и суверена држава. Веќе втора година ги имаме придобивките на едната од нив – членството во НАТО алијансата. Со тоа направен е огромен чекор напред во обезбедувањето сигурни и безбедни граници, но истовремено и внатрешна стабилност на државата. Во моментите кога сме на чекор од втората цел, полноправно членство во големото европско семејство на народите, мораме да ги оставиме зад себе сите внатрешни политички битки. Да покажеме единство по клучните прашања за државата, рече Јованоски.

Мицковски изјави дека сеќавањето за хероите не смее да згасне. Според него, одбележувањето што го прави власта е лицемерно.

-Изминуваат 20 години изминувата од трагично загубените животи на нашите браќа, сопрузи, другари, пријатели, прилепчани, Македонци, кои, борејќи се храбро го загубија својот живот, се разбира, од кукавичка заседа, бидејќи тие кои ја подметнаа таа заседа, знаеја дека ќе бидат поразени. Одбележувањето што го прави власта претставува лицемерен чин кон овие луѓе, бидејќи ако навистина се сеќаваа на минатото и на жртвата кога голем број Македонци во минатото ја дадоа за Македонија, тогаш во најмала рака ќе се извинеа за сето што го правеа и прават овие четири години. И, ако, најмалку денешниот говор на претставникот на Владата претставува еден вид каење за стореното изминативе четири години, тогаш јас еве делумно им простувам, рече Мицковски.

Во рамките на одбележувањата денеска делегации ги посетија вечните почивалишта на загинатите, се одржа панихида во прилепската црква „Света Петка“ и делегации ја посетија месноста Карпалак.

На 8 август 2001 кај Карпалак загинаа: Сашо Китаноски, Нане Наумоски, Бранко Секулоски, Марко Деспотоски, Ердован Шабаноски, Љубе Грујоски, Дарко Велјаноски, Веби Рушитоски, Горан Миноски и Пеце Секулоски, сите од резервниот состав на Армијата.