-Мене ме плаши порастот на евроскептицизмот, како и одлуките на ЕУ кои тоа го овозможуваат. Чуму ни се извештаите за напредок, ако после 16 години не добиваме никаков напредок. Не ги омаловажуваме извештаите, многу ни се значајни, но вака ја губат смислата, рече Заев, во интервју во емисијата Топ Тема на ТВ Телма.

Тој истакна дека ќе остане резервиран во однос на надежите за напредокот.

-На 6 октомври има самит за време на словенечкото претседателство, треба да имаме надеж дека ќе се реши проблемот, но до тоа би дошло само другата страна да не бара изговори, рече Заев.
Откривајќи ги деталите од португалскиот предлог, тој кажа дека земјава имала обврска да и понуди патоказ на Бугарија, а во него биле опфатени сите области, образование, спорт, здравство, култура со конкретни рокови.
-Таму повторивме дека немаме територијални претензии. За нив не беше проблем „Република Македонија“, но „Република Северна Македонија“ сега е, нагласи Заев.
На прашањето за надминување на долготрајното бугарско вето и за остварувањето на евроинтеграциите на земјата и регионот, премиерот посочи дека и покрај искажаното трпение, понуден дијалог и пријателство, по повеќе од 16 години се чувствува резигнираност и кај политичарите во земјата, но и кај европските претставници заради недонесување одлука за почеток на преговори на Северна Македонија со Европската Унија.
-Дефинитивно да не може Европа да изнајде решение за ваква работа којашто во моментов е меѓу нас и Бугарија е лоша порака. Проблемот е никаков, истакна премиерот.

Тој информираше дека со Бугарија се разговара за Патоказ за спроведување на Договорот со Бугарија за кој нашиот сосед покажува незадоволство во однос на брзината и ефикасноста на негово спроведување.

-Решението коешто Португалското претседателство го понуди за нас и за Бугарија е креирање на Патоказ за спроведување на Договорот за пријателство и добрососедство. Во тој Патоказ ги има сите можни области, од спортот, до инфраструктурата, до културата, до младите до сите области, со конкретни рокови и со конкретно задолжени институции и тоа на 18 страни. Вториот дел е интензитетот на Комисијата за историско-образовни прашања, таму не можете да кажете што кога треба да одлучат, туку се работи за интензитетот на средбите, рече премиерот Заев.