Силна поддршка за надминување на спорот со Бугарија дадоа вчера лидерите на Европската Унија, внесувајќи го ова прашање и во самата Декларација, која произлезе од Самитот и потенцирајќи дека неотворањето на преговорите со Северна Македонија и Албанија влијае и врз кредибилитетот и довербата во Унијата во регионот, јави известувачот на МИА од Брдо кај Крањ.

Во Декларацијата меѓу другото се потенцира дека ЕУ целосно ја поддржува изразената обврска на партнерите од Западен Балкан за инклузивна регионална соработка и зајакнување на добрососедските односи, вклучително и со земјите-членки на ЕУ.

И натаму останува важно билатералните договори, меѓу кои Преспанскиот договор со Грција и Договорот за добрососедски односи со Бугарија, да се спроведуваат со добра волја и видливи резултати. Понатамошни одлучни напори се неопходни за да се поттикнат помирувањето и регионалната стабилност, како и да се пронајдат и спроведат, во согласност со меѓународното право и воспоставените принципи, вклучително и со Спогодбата за прашањата за сукцесија, конечни, инклузивни и обврзувачки решенија за билатералните спорови и прашања меѓу партнерите кои се вкоренети во наследството од минатото, а исто така и за преостанатите случаи на исчезнати лица и за прашањата во однос на воени злосторства, се нагласува во документот.

За важноста на ова прашање говореа и двете посебни средби кои вчера на маргините на самитот ги остварија премиерот Зоран Заев и бугарскиот претседател Румен Радев. Едната со челниците на ЕУ – претседателот на Европскиот совет, Шарл Мишел, претседателката на Европската комисија, Урсула фон дер Лајен, еврокомесарот за проширување Оливер Вархеји и словенечкиот премиер Јанез Јанша и втората со лидерите на двете најмоќни земји во Унијата, германската канцеларка во заминување Ангела Меркел и францускиот претседател Емануел Макрон.

Средбите се гледаат како обид да се придвижат преговорите меѓу двете земји, со цел да се најде решение и да се крене бугарското вето, со можност за позитивен исход до Самитот на ЕУ во декември, но освен патоказот пет плус еден, како можно решение, изјавите дадени по средбите не наговестуваа дека Скопје и Софија ги приближиле позициите.

Заев по завршувањето на Самитот во изјава за медиумите истакна дека чекорите и блокадите што ги презема бугарскиот преседател Румен Радев во името на Бугарија се навреда за македонските граѓани и додаде дека за нас е прифатливо во духот на европските добрососедски односи да ги интензивираме разговорите со Бугарија.

Ние велиме да, можеме и мораме. Двете страни, веднаш по изборите во Бугарија и во Северна Македонија, како што ни прилега со искрена политичка волја да преземеме одлучни чекори за решавање на отворените прашања. Но, исто така не е нова вест дека нашиот гласен став за идентитетските прашања е дека македонскиот идентитет не може да биде тема за преговори, истакна Заев.

Тој нагласи дека на Самитот е добиена уште една силна потврда дека само една земја членка на ЕУ се противи на нашата интеграција и на почетокот на преговорите за членство во Унијата и потенцира дека граѓаните не му дале мандат да оправда политики од минатиот век.

До сега не постои земја членка на ЕУ која има каква било забелешка за нашите реформи. Нашиот напредок во интеграциите во ЕУ првенствено треба да зависат од домашните реформи поврзани со постигнувањето на европските стандарди, а не од билатералните прашања. Затоа посветени сме на решавање на билатералните спорови кои се влечат од минатото, а доказ за тоа се и Договорот од Преспа и Договорот со Бугарија од 2017 година, нагласи претседателот на Владата.

Тој наведе дека пораките од францускиот претседател Емануел Макрон и германската канцеларка Ангела Меркел на Самитот се јасни.

За решенијата треба поглед напред кон иднината, а не кон минатото. Но за жал, не сум сигурен дека претседателот Радев ја разбра таа порака, заклучи Заев.