-Со неговата „Граматика на македонскиот литературен јазик“, заедно со останатите македонски лингвисти, учествуваше во кодификацијата на македонскиот јазик донесена во спроведувањето на одлуката на Првото заседание на АСНОМ за воведување на македонскиот јазик како службен во новоформираната македонска држава, објави Заев.
Неколку месеци подоцна, подвлекува, во ноември 1944 година, Президиумот на АСНОМ назначи и Комисија за македонската азбука и за македонскиот правопис, и како член на двете комисии Конески беше движечки учесник во овие процеси.
Заев пишува дека тој иницираше и учествуваше во создавањето на темелите на нашата современа институционална меморија со својот придонес во основањето на Македонската академија на науките и уметностите, на катедрата на македонски јазик на филолошкиот факултет и на Институтот за македонски јазик, на Друштвото на писателите на Македонија.
-Големината и историското значење на неговата работа на тој план во основата го има неговото темелно истражување и поврзување на корените на македонскиот јазик, неговите промени и зреење кое Конески го наоѓаше во старословенските извори запишани со глаголица или кирилично писмо, како и записите на преродбениците и културните дејци од првите децении на дваесеттиот век, напиша премиерот Заев.
Годинава, кога ја чествуваме и 100-годишнината од раѓањето на Конески, подвлекува тој, не го чествуваме само неговиот придонес за македонскиот јазик, ги чествуваме и неговото научно дело, неговата поезија, неговата културна и национална мисија, кои ги претставуваат највисоките и највозвишените богатства на македонскиот и на другите народи во земјата.
Вечно ќе го чуваме и негуваме споменот на него и неговото дело, објави Заев на ФБ.
Блаже Конески, една од најважните фигури во современата македонска историја, култура и книжевност, е роден на 19 декември 1921 година во село Небрегово, а почина во Скопје, на 7 декември 1993 година.