Директорот на Завод и Музеј-Охрид, Мишко Тутковски вели дека градбата и мозаиците се многу раскошни и заслужуваат добра презентација пред публиката.

– Базиликата кај Свети Еразмо која е откриена пред 50-тина години, откриени се околу 200 квадратни метри мозаици во неколку простории од таа базилика, за жал во сите изминати децении не добиле соодветен третман, ниту е извршена конзервација на градбата ниту на мозаиците, ниту соодветно е документирана и презентирана пред јавноста. Она што ние го започнавме оваа година и кое може да трае со години е почеток на еден проект за целосна конзервација реставрација и презентација на таа базилика. Секако ќе се одвива во многу фази, ќе треба изработка на повеќе проекти, за конзервација на архитектурата, на мозаиците, поставување на покривни-заштитни конструкции кои од една страна ќе овозможат добра заштита за мозаиците, а од друга страна еден убав начин за презентација пред посетителите, вели Тутковски.

Во првата фаза на реализација на проектот извршено е расчистување на просторот со што ќе се овозможат услови за спроведување на конзерваторски истражувања и изработка на Елаборат за поставување на кровна конструкција над целата базилика.

– Целта за поставувањето на настрешницата е од далечина да се долови архитектонското здание кое постоело некогаш на тоа место со неговата висина и отменост за да може да се долови габаритот на објектот, неговите димензии и раскошност кои се симбол на едно време, едно постоење, една култура која ние денес треба да ја негуваме и да ја пренесеме на идните генерации, вели раководителот на проектот Анита Танеска, виш конзерватор за архитектура од Завод и Музеј-Охрид.

На локалитетот се вршени археолошки истражувања во 1974-1975 од стручните лица при Завод за заштита на спомениците на културата и Народен музеј-Охрид, познатиот археолог и конзерватор Владо Маленко и архитектот и долгододишен познавач на заштитата Тодор Паскали.

– Проектот ќе се реализира согласно документацијата која ја поседуваме во Институцијата од страна на стручните лица во тоа време кои имаат оставено многубројни нацрт планови, идејни решенија, пресметки и анализи, за тоа како би изгледала или како некогаш изгледала ранохристијанската базилика Св. Еразмо, додава Танеска.

Споменикот на културата, локалитетот ранохристијанска базилика „Св. Еразмо“ во Охрид, е трикорабна базилика со простран атриум со двориште и кружен базен во средината.