Најчесто се информираат и прашуваат директно, во подрачните единици, не сакаат да прочитаат сами, на интернет. Генерално се запознаени со е-алатките и имаат компјутери, паметни телефони, како и пристап до интернет, но многу малку ги користат, освен за следење на социјалните мрежи. Нивото на дигитална писменост им е ниска, сведена на основни познавања. Сепак, 93 проценти од нив би применувале дигитализација ако им се овозможи соодветна едукација, покажува најновото истражување на Рурална коалиција, спроведено во перидот јануари – март 2021 година на 246 испитаници во шест плански региони.

И натаму, клучен проблем е недовербата во електронското добивање документи. Земјоделците не веруваат во она што електронски им се издава, посигурно се чувствуваат ако потребните документи ги достават или земат во хартиена форма, со потпис и печат.

Како што истакна извршната директорка на Рурална Коалиција, Лилјана Јоноски, дигиталните вештини на земјоделците мора да се зголемат, особено во руралните средини. Требда се изработат лесно достапни апликации со детални упатства на јазик разбирлив за земјоделците и жителите во руралните средини.

-Над 90 проценти од земјоделците користат интернет, но се работи за основни познавања. Преку подобрување на нивните вештини треба да ги направиме достапни услугите кои се навистина едноставни. Тоа ќе им заштеди многу време и средства. Неопходна е директна поддршка на терен и работа со нив, постепено воведување на е-услугите како единствен или приоритетен начин на комуникација со институциите. Исто така, треба да се зголеми сигурноста во е-документите преку нивна поголема промоција и споделување позитивни приказни меѓу локалното население за ефикасноста и ефективноста на е-услугите од страна на оние што ги користеле, истакна Јоноски на прес-конференцијата по повод презентирањето на резултатите од истражувањето.

Истражувањето покажува дека издавањето услуги на шалтер е се уште најкористениот начин. Иако преку Системот за издавање електронски услуги може сите потребни документи за се извадат и електронски, 64 отсто од испитаниците одговориле дека преферираат да ги извршат услугите на шалтер.

Само 17 отсто од анкетираните користеле услуги од порталот www.uslugi.gov.mk. Половината, пак, или 51,2 процента, ја користат услугата „Мој данок Моја иднина“. Другите тоа не го прават зашто, како што навеле, не ги знаат лозинките или мејл адресите од своите годишни даночни пријави, имаат проблем со инсталацијата на апликацијата, немаат доволно време за скенирање сметки, но и поради тоа што голем дел од репроматеријалите и она што го купуваат го земаат на „почек“ или со отворени сметки, па за тоа не добиваат фискална сметка затоа што плаќаат задоцнето.

На прашањето дали имаат платежна картичка, 92 отсто одговориле потврдно, но најголемиот дел од испитаниците се уште ја користат картичката само за вадење пари од банкомат. Електронски плаќаат сметки само 26 отсто, а 11 проценти купуваат преку интернет.

Во однос на социјалните мрежи, 87 проценти се изјасниле дека имаат профил на Фејсбук.

-Според податоците на Дражавниот завод за статистика, во Северна Македонија се регистрирани 170.000 семејни земјоделски стопанства. Ако секое стопанство во просек има по четири члена, тоа се 600.000 жители со минимално ниво на компјутерска писменост. Ова е потврдено со фактот дека дури и во услови на пандемија, само 10.000 земјоделци аплицирале преку електронскиот систем за добивање субвенции. Дополнително, за време на КОВИД кризата, на површина излегоа сите проблеми со кои се соочуваат земјоделците. Ова беше особено видливо во делот на електронско добивање дозволи за движење кога беа забележани толпи пред подрачните единици на Министерството за земјоделство, но и пред другите институции особено банките, бидејќи земјоделците немаат знаење, време, но исто така и и довербата во системот го направи најголемиот дел од работата. Додека повеќето граѓани ги добиваа дозволите за движење по електронски пат или преку системот за е-услуги, тоа не беше случај со земјоделците, што вклучува црвено светло и аларм за итно дејствување и дигитализација на секторот, како и запознавање на руралното население со дигиталната агенда, порталот за е-услуги, но и за зголемување на нивото на нивно образование и употреба на достапни е-услуги, беше речено на презентацијата.

Рурална коалиција ја најави и првата Земјоделска е-платформа која ќе ги содржи на едно место сите расположливи електронски услуги (добивање имотен лист, аплицирање за субвенции, пополнување барања за јавни повици), но ќе нуди и информации за едукација и унапреудвање на вештините. Предвидена е и изработка на видеа кои ќе ги објаснуваат е-постапките чекор по чекор.