Уставот и законите мора да важат за сите, особено за носителите на власт. Тие мора да бидат пример и за останатите. Преспанскиот Договор е наметната реалност и се додека е во сила мора да се почитува, во спротивно ќе трпат и државата и граѓаните.

Вака дел од познавачите го коментираат ставот на идниот премиер Христијан Мицкоски кој рече дека заклетвата во Собранието ќе ја даде со новото уставно име, како што предвидува Уставот, законот и Деловникот. Сепак, тој додаде и дека во секоја прилика, исто, како и досега ќе го користи само терминот Македонија.

Новинарот Бранко Героски, вели дека, меѓународниот договор е ратификуван во Парламентот, Уставот засега е таков каков што е и дека новата Влада треба да се фокусира на испорачување на резултати и на исполнување на сето она што го вети пред граѓаните.

„Новиот премиер Мицкоски во еден поширок контекст, објасни дека ќе го користи во официјален капаицет како претседател на Владата на нашата држава и мислам дека е сериозен потег на сериозен државник. Зошто? Затоа што тој и неговата партија и партиите од владејачките партии вложија многу напори, да спречат еден сериозен политички капитал. Победија со многу голема разлика, со голема доверба од граѓаните и би било несериозно да се истрошуваат себеси со тој капитал и да ја исцрпуваат целата јавност на борба против еден договор кој веќе е дел од уставниот поредок на Македонија, од вкупниот правен поредок кој што сите меѓународни договори кои се ратификувани од Собранието на државата, се дел од домашниот правен поредок“, вели Бранко Геровски.

И досега пратениците, градоначалниците и функционерите од новата владејачка партија го користеа само терминот Македонија, но и го почитуваа и договорот наметнат од нивните претходници, сите документи и акти кои ги потпишуваа беа со новото уставно име.

„Постои еден широк простор, во кој и Мицкоски и сите други официјални лица ќе можат да го користат името Македонија, ќе можат да ја употребуваат придавката македонски во своите говори, во своите јавни настапи, така како што е регулирано и во самиот Преспански договор, а и во едно пошироко разбирање на нормите кои го дозволуваат тоа.

Во меѓународната политика, клучниот принцип ви вели pacta sunt servanda (договорите мора да се почитуваат). Дали договорите ги потпишал претходникот, политичкиот опонент, државата е таа која што мора да ги спроведе.

Христијан Мицкоски, во гостување на една национална телевизија рече дека заклетвата како нов премиер ќе ја даде со уставното име на државата и дека ќе го користи во неговите настапи во странство, зашто како што рече, не може да има двојни стандарди, да бараат граѓаните да ги почитуваат законите и Уставот, а тие да не ги почитуваат. Но, потенцираше дека во сите настапи и во сите изјави дома ќе го користи терминот Македонија.

Овој став на Христијан Мицкоски не е нешто ново и е константен. Веднаш по победата на ВМРО ДПМНЕ на локалните избори во 2021 година, Мицкоски излезе со став дека Преспанскиот договор е реалност која не му се допаѓа, но, доколку не се почитува таа реалност, во рамки на административното функционирање на институциите, тогаш ќе се јават проблеми со други инстанци, како обвинителство, судство.

Извор: Алфа