Војната во Газа стигна до неславниот 100-ти ден. Премиерот Бенјамин Нетанјаху рече дека Израел нема да биде спречен од случајот пред Меѓународниот суд на правдата во Хаг, каде земјата ги оспорува обвинувањата на Јужноафриканската Република дека кампањата во Газа е геноцид.

„Никој нема да нè спречи – ниту Хаг, ниту оската на злото, никој“, рече тој на прес-конференција, мислејќи на Хамас и бунтовниците Хезболах и Хути, поддржани од Иран, кои ја понудија својата поддршка.

Израел ги отфрла наводите како грубо искривување на реалноста, велејќи дека неговите акции во Газа биле преземени во самоодбрана, откако вооружени лица на Хамас нападнаа голем број населби во јужен Израел на 7 октомври, при што убиле повеќе од 1.200 Израелци и странци и земале околу 240 заложници.

Израел рече дека нападот, за кој лидерите на Хамас ветија дека ќе го извршат повторно, покажа дека неговото постоење како држава е под закана доколку движењето не биде уништено.

За 100 дена од нападот на Израел на 7 октомври, загинаа над 20.000 Палестинци.